23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Две лица украле над 130.000 денари од обложувалница – едниот е во притвор, вториот во бегство

Поднесено е обвинение против едно лице поради разбојништво во спортска обложувалница. Од Обвинителството информираат дека обвинетиот делото го сторил во соизвршителство со друго лице, кое до овој момент се наоѓа во бегство.

„Обвинетиот и неговиот соизвршител, по претходен договор, на 9 октомври влегле во објект на спортска обложувалница на улица Зеничка во Скопје и се заканиле дека ќе нападнат врз животот на една вработена. Притоа обвинетиот, со пиштол во раката, побарал од оштетената да каже каде се парите и ја турнал до ѕидот, додека другиот осомничен се упатил кон работниот пулт и од една од фиоките одзел 133.460 денари“, велат од Обвинителството.

Со оглед на тоа што и натаму постојат околности кои упатуваат на опасност од бегство на обвинетиот, како и основан страв дека тој би можел да го повтори делото, да влијае врз сведоците или да ги сокрие и уништи трагите од кривичното дело, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд достави и Посебен предлог за продолжување на мерката притвор за обвинетото лице.​/Makfax