Секогаш во средиштето на збиднувањата...

Земјоделците и откупувачите ја оценуваат годинашната сезона како една од најдобрите

И земјоделците и откупувачите ја оценуваат годинашната производствена сезона како успешна и една од најдобрите досега. Како ретко досега тие се согласуваат дека оваа сезона, која полека завршува, треба да биде пример како земјоделецот, но и другите учесници во производствениот процес, треба достојно да зароботат за вложениот труд, пренесе МИА.

Според оценката на Сојуз на синдикати на земјоделци од Струмица во споредба со повеќе години назад годинашната била една од подобрите.

-Имаше одредени мали осцилации во откупот на доматите, но вкупно земено е добро. Треба уште да се работи за да се подобрат вкупните состојби, но во секој случај сметам дека земјоделците треба да се задоволни, смета Ристо Велков, претседател на Сојуз на синдикат на змјоделци.

Земјоделецот Коце Божиков од селото Дабиле е со став дека годинава е една од најдобрите досега. Според него, уште на почетокот имало најави дека ќе биде успешна, бидејќи тогаш кромидот се откупуваше од 25 до 30 денари за килограм, младиот компир 40 денари, доматите за 50 денари, цвеклото 25 денари за килограм, благиот компир се откупуваше за рекордни 100 денари, а парче лута пиперка се плаќаше пет-шест денари.

-Имаш исплатливи откупни цени, иако имаше одредени мали падови, но цените бргу се враќаа во нормала. Имаше и квалитетно прозводство, кое за жал е намалено за 30 проценти, а кај некои култури и за 50 проценти. Исто така, за поздравување се мерките на Владата, посебно за субвенционирање на нафтата -„зелена нафта“, како и навременото исплаќање на субвенициите што секако влијае врз вкупниот амбиент, рече Божиков.

Слично е и мислењето на на Ванчо Митев од Здружението „Еко градинар“ од село Добрејци.

-Може да се каже дека сезоната бешe добра. Имавме и добри цени и квалитетно производство како ретко досега. Сите култури поминаа добро. Ништо не остана на нивите и се откупи, потенцира Митев.

Драги Памуков земјоделец од село Куклиш смета дека сезоната што изминува може да се оцени како позитивна, но имало и периоди кои може да се оценат како негативни.

-Тоа се периоди кога има поголемо производство од побарувачката и цените паѓаат и за овие периоди треба да се наоѓаат решенија. Исто така, беше лошо кога имаше увоз на домати од Албанија. Сметам дека треба да се наоѓа решение за проблемите и конечно да заживее планираното производство, додава Памуков.

Откупувачите го делат мислењето на земјоделците за успешната сезона.

-Генерално гледано поуспешна година од оваа немало. Произведеното во најголем дел го консумира домашниот пазар, а извозот одеше „како алва“. Се случи само неколку денови да има застој во најголемиот производствен шпиц, а во останатиот период немаше никакви проблеми. Одамна не се случило земјоделци кои го предаваат производството кај мене да заработат толку како годинава, рече Благој Витанов, трговец од Струмица.

И откупувачот Ацо Стоилков од компанијата „Мак смоларски ној“ подвлекува дека сеозната била мошне добра за сите. Но, потенцира дека тоа не се должи на зголеменото производство, туку напротив на намаленото и на помалку засеаните површини со градинарски култури.

-Има помалку производители, а побарувачката од одредени странски пазари беше голема. Сметам дека површините мора да се зголемуваат и да не се случува обработливо земјоделско земјиште да не се обработува, а ресорното министерство за него не распишува оглас за давање под закуп. Покрај тоа, треба да се работи на окрупнување на земјиштето за да може да се произведува повеќе и поквалитетно, рече Стоилков.

Годинава градинарските култури од Струмичкиот регион се извезуваа на пазарите во Хрватска, Србија, Романија, Бугарија, Грција и други земји, а покрај странците големи количини откупија и домашните фабрики.

Во тренд…