15.8 C
Скопје
29. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Анкара го повика американскиот амбасадор поради санкциите од Конгресот за ерменскиот геноцид

Турското МНР го повика американскиот амбасадор Дејвид Сатерфилд кога американските законодавци го признаа и го осудија геноцидот врз Ерменците од страна на Отоманската Империја што почна во 1915 година.

Коментирајќи го потегот, министерот за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, ја нарече одлуката срамна и нагласи дека законодавците ја искористуваат историјата во политиката.

Американскиот Претставнички дом исто така го одобри и нацрт-законот за воведување санкции за Анкара поради офанзивата во Сирија. Според спикерот на Домот, Ненси Пелоси, Вашингтон ја смета Турција за одговорна за злоупотреби на човековите права, вклучително и напад врз американските курдски партнери.

Сега законот за санкции ќе се пресели во горниот дом на американскиот Конгрес, но не е јасно дали сенаторите ќе го поддржат.

Чавушоглу, пак, изјави дека одлуката е во спротивност со договорот за прекин на огнот постигнат од двете земји на 17 октомври. Вашингтон и Анкара се судрија дипломатски кога Анкара ги нападна курдските борци поддржани од САД за време на својата операција во северна Сирија со цел да се создаде т.н. безбедна зона во регионот.

Американските трупи потоа се повлекоа од областа и курдската милиција мораше да напушти некои територии. Тие потоа склучија договор со Дамаск за да ја спречиат турската офанзива. Вашингтон воведе санкции кон Анкара за операцијата, но по прекинот на огнот, за кој преговараше потпретседателот Мајк Пенс, претседателот Доналд Трамп ги откажа ограничувањата./Makfax

Спонзорирано: