9.8 C
Скопје
23. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КУЛТУРА

Фестивал на современиот грчки филм од 24 октомври во Скопје

Здружението за промовирање на филмската уметност и култура „Арт синема“ и Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“ денеска на прес-конференција го најавија второто издание на фестивалот на грчки филм и култура 2019.

Фестивалот ќе се одржи од 24 до 28 октомври во Скопје.

По организирањето на првата ревија на грчки филмови во Македонија во 2017 година, годинава иницијативата е проширена со вклучување и на музичката уметност.

Програмата е составена од 6 долгометражни играни и документарни филмови од најновата грчка продукција кои го отсликуваат развојот на грчката кинематографија во последните години. Сите се тематски разнолики, но сепак доминираат теми кои реферираат на актуелната стварност во Грција, особено во однос на економската криза што го зафати грчкото општество последнава декада.

Фестивалот се отвора со филмот „Витез“, црна комедија на повеќекратно наградуваната грчка режисерка со европска кариера, Атина Цангари, која е една од предводниците на новиот грчки филмски бран, т.н. чуден грчки бран.

Во наредните денови ќе се прикажат: „Смак“ на Елијас Деметриу; „Следна станица: Утопија“ на Апостолос Каракасис, „Нејзина работа“ на Никос Лабот; „Неправеден свет“ на Филипос Цитос и „Поликсени“ на Дора Масклавану.

Покрај уникатната можност на едно место да се погледнат повеќе нови одбрани грчки филмови, ексклузивитет на настанот е концертот на познатиот грчки музичар и текстописец Фоивос Деливоријас, кој со својот бенд кој го придружува ќе изведе посебен перформанс пред скопската публика, нудејќи неповторлива изведба на филмска музика од познати грчки филмови.

Станува збор за амблемски песни, кои се дел од Дасиновата „Фаедра“, „Ремпетико“ на Фери, Казановиот „Америка Америка“, „Јастог“ на Лантимос или од старите популарни грчки мјузикли и филмовите на Тео Ангелопулос, кои го водат слушателот на имагинарно патување во филмска индустрија, која патувала надвор од границите на Грција.

Фестивалот има мисија да поттикне поблиска комуникација помеѓу двете општества кои недоволно се познаваат меѓу себе. На прес-конференција беше посочено дека целта на овој културен настан е прв чекор во однос на зближувањето и запознавањето на двете земји, нашите културни сличности и разлики. Ова е начин да се види како живеат луѓето во Грција, од другата страна на границата.

Фестивалот е официјално поддржан од Амбасадата на Грција во Скопје./Makfax

Спонзорирано: