13.8 C
Скопје
25. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото Илустрација/Pixabay
СВЕТ

Протести на Курдите ширум Европа, во Грција запален постер со ликот на Ердоган

Десетици илјади Курди вчера демонстрираа низ цела Европа против турската воена офанзива во северна Сирија, а протести се одржаа во Франција, Шведска, Грција, Германија, Австрија, Швајцарија.

Во Келн се собраа 10.000 луѓе, кои носеа знамиња со симболите на курдските Единици за заштита на народот и Рожава, односно „Сириски Курдистан“, барајќи запирање на турската офанзива, воведување на зона на забрана на летање и прекинување на продажбата на оружје за Турција, пренесе „Дојче веле“, наведувајќи дека Германија има најголема курдска дијаспора во светот.

На демонстрантите им се придружија и германските левичарски групи, а Курдите протестираа и во други градови, вклучувајќи ги Хамбург, Берлин и Минхен.

„Заедно како едно, курдскиот народ се обедини“, извикуваа демонстрантите во Келн, нарекувајќи го турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган „терорист“ и „убиец на деца“.

Неколку илјади Курди и левичарски активисти демонстрираа и во Солун и во Атина. Околу 1.000 демонстранти се собраа во Солун, каде запалија фотографии на турскиот претседател Ердоган и носеа транспаренти со напис „Каде е ОН?“.

Сцените со палењето на фотографиите се повторија и пред турскиот конзулат што го обезбедуваа полициските сили.

Во Атина се собраа до 2.000 Курди и други активисти кои маршираа до турската амбасада, но полицијата ги спречи да се приближат до зградата.

Тие носеа курдски знамиња и транспаренти со натписи „Веднаш сопрете ја инвазијата“, а една група запали постер со ликот на Ердоган.

Oколу 150 лица маршираа и до американската амбасада.

И во Париз протестираа околу илјада граѓани во знак на поддршка за Курдите. Учесниците тука предупредија дека турската офанзива би можела да доведе до оживување на т.н. Исламска држава.

Протести се одржаа и во Австрија и Швајцарија./Makfax

Спонзорирано: