Секогаш во средиштето на збиднувањата...

Русин чува цела глутница волци како миленици

Руски вљубеник во животните чува глутница волци на својот имот како домашни миленици, но тие за него не се само забава бидејќи се надева дека ќе формира центар за рехабилитација на диви животни.

Волците веќе три години живеат со бизнисменот Кирил Потапов од уралскиот град Екатеринбург. Неколку од нив, сивата волчица Алфа и црниот волк Уголек, Потапов го посвоил додека биле волчиња.

Волците навидум се многу кротки, а „Инстаграмот“ на Потапов е полн со видеа на кои играат заедно, грицкаат моркови и ги ловат патиките на својот сопственик. Потапов тврди дека волците не се негови миленичиња, туку негова глутница – дека тие се сосем поинакви од кучињата и човекот треба да се дружи со нив наместо да се обидува да доминира.

Потапов исто така вели дека наводната агресивност на волците кон луѓето е мит и дека, напротив, животните многу се плашат од луѓето како резултат на вековниот лов на волци. Тој никогаш не го крева гласот кон нив и не покажува агресија за да не ја уништи кревката врска.

Два други волка во глутницата – Акела и Ракша – потекнуваат од локалните зоолошки градини. Бидејќи биле посвоени на постара возраст, тие не се толку пријателски расположени како неговиот омилен пар, но сепак му покажуваат наклонетост. Оваа пролет Алфа и Уголек имале младенчиња, но, за жал, само едно преживеало.

Бидејќи закрепнувањето на Алфа било доста тешко, Потапов морал самиот да го храни и да го одгледува младенчето, црна волчица наречена Вита.

Покрај волците, Потапов поседува и други домашни и диви животни, вклучително и разни кучиња, гавран, па дури и рис. Тој учествувал во неколку програми за заштита на животинскиот свет, а сега планира да основа свој центар за рехабилитација на сирачиња и повредени диви и домашни животни, како и за жртви на злоупотреба во зоолошките градини и циркуси.

Иницијативата е поддржана од надлежните во регионот Свердловск и од една локална земјоделска фирма, кои му донирале парцела од 100 хектари на Потапов. Центарот се очекува да биде отворен кон крајот на оваа година./Макфакс