4.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Британија подготвена да преговара со ЕУ за брегзит

Велика Британија упати конструктивна понуда до Брисел за брегзит и сега е подготвена да преговара за детаљите за договорот за излез од блокот, изјави секретарот за брегзит, Стивен Баркли.

„Насочени сме на постигнување на договор, бидејќи мислиме дека тоа е најдобро решение. Ова се сериозни предлози и мораме за нив да разговараме со ЕУ“ рекол Баркли.

На прашањето за можно одлагање на брегзит, британскиот дипломат рекол дека за тоа мора да постои согласност од сите останати 27 држави членки на ЕУ.

Британија синоќа го објави новиот план за брегзит, според кој, границата со Ирска ја остава отворена, а премиерот Борис Џонсон истакна дека единствената алтернатива на новиот план е брегзитот без договор на 31-ви октомври. Џонсон истакнал дека планот го „отстранува таканаречениот „бекстоп“, механизмот осмислен во договорот со ЕУ кој го постигна неговата претходничка Тереза Меј. Со него се отстранува повторното воведување на границата на Ирскиот остров, но тој, според мислењето на заговорниците на тврдиот брегзит, би можел да ја врзе Велика Британија за ЕУ на подолг период. Џонсон му порачал на Јункер дека овој план на ЕУ бил „мост кој не води никаде“.

„Мораше да се изнајде нов пат“, рекол Џонсон.

Според новиот документ на седум страници, целото Обединетото Кралство би излегло од европската царинска унија, но неговата покраина Северна Ирска би останала на единствениот европски пазар кога станува збор за стоки, вклучително земјоделските и прехранбените производи. Тоа би ја отстранило потребата за проверка на стандардот и сигурноста на стоките на границата меѓу Северна Ирска и Ирска, која е членка на ЕУ, бидејќи и двете би биле дел од „регулаторната островска зона“./Makfax