5.8 C
Скопје
29. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Donald Trump/Offical fan page
СВЕТ

Свиркачот кој го разоткри Трамп е службеник на ЦИА

Свиркачот кој откри доверливи документи за американскиот претседател Доналд Трамп е службеник на ЦИА, пренесуваат американските медиуми. Службеникот, чиј идентитет не се открива, работел во Белата куќа. Тој рекол дека високи службеници во Белата куќа се обиделе да ги скријат сите детали за телефонскиот разговор на Трамп со украинскиот претседател Володомир Зеленски во кој Трамп наводно барал од Зеленски да го истражи политичкиот противник Џо Бајден. Наводно, транскриптот од повикот не бил зачуван во вообичаениот компјутерски систем, туку во посебен систем што се користи за чување на тајни податоци.

Во извештајот, свиркачот пишува и дека дознал дека ова не е првпат администрацијата на Трамп да крие транскрипти од неговите разговори со цел „заштита на политичко чувствителни информации“.

Демократите го обвинија Трамп дека бара странска помош и мешање во изборите што треба да се одржат следната година. Исто така, некои тврдат и дека Трамп, во овој контекст, како алатка за преговарање со Украина ја користел воената помош.

Трамп негира какви било малверзации, а целата приказна и барањето за негово отповикување ги нарече „лов на вештерки“. Тој рече дека тој што ги изнел ваквите информации е шпион.

„Сакам да знам која е таа личност, кој му ги дал информациите на свиркачот. Зашто тој е шпион“, рече Трамп и додаде: „Знаете што правевме во старите добри денови кога бевме паметни? Шпионите и предавниците ги третиравме малку поинаку“.

Комитетот за разузнавање на Претставничкиот дом на САД вчера објави извештај од кој е отстранета ознаката за доверливост, во кој се наведува дека Трамп ја искористил својата позиција за да ја вмеша Украина во претседателските избори во 2020 година, загрозувајќи ја на тој начин националната безбедност на САД.

Извештајот беше декласифициран по неколкунеделен спор што ѝ помогна на спикерката на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси, да покрене формална истрага за тоа дали Трамп треба да се отповика.

Во извештајот пишува дека свиркачот не е директен сведок, туку дека дошол до веродостојни докази преку неговите колеги.

Спонзорирано: