3.8 C
Скопје
20. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото Илустрација/Pixabay
СВЕТТОП ВЕСТИ

Во светот се одржуваат големи климатски протести, ќе се протестира и кај нас

Глобален протест против климатските промени за денеска е најавен во 139 земји и се очекува ова да биде најмасовниот во историјата на климатските протести.

Станува збор за третиот во низата собири што ги почнаа учениците, а ги предводи 16-годишната Швеѓанка, Грета Тунберг.

На протестот, кој треба да се одржи од Лондон и Њујорк до Перт, Австралија, ќе учествуваат разни организации, како и вработени во некои од најголемите светски компании, како „Амазон“ и „Мајкрософт“, пренесува Си-ен-ен.

Грета Тунберг најави дека ќе се организираат околу 4.638 собири во целиот свет. Во австралиската сојузна држава Викторија, студенти, ученици и јавни работници ќе излезат од работа и предавање со цел да протестираат за заштита на животната средина и за спас на планетата.

Протестите се веќе почнати во Бангкок, а подоцна во текот на денот ќе се организираат и во Јапонија, Индонезија, Филипините и Мјанмар, пренесе британскиот јавен сервис Би-би-си. Во некои земји, како Сингапур и Јужна Кореја, протести се закажани само во текот на викендот.

Во Њујорк на 1,1 милион ученици им беше дозволено денеска да ја напуштат наставата бидејќи градските власти најавија дека нема да ги казнат учениците што се приклучуваат на протестот, но мора да имаат родителска дозвола за тоа.

Градоначалникот на Њујорк, Бил де Бласио, твитна: „Њујорк стои со нашите млади. Тие се нашата совест“.

На Менхетен демонстрантите ќе се соберат напладне, а пред нив ќе се обратат млади климатски активисти, меѓу кои и Грета Тунберг, која до Њујорк доплови за климатскиот самит на ОН, кој ќе се одржи на 23 септември.

Кај нас движењето „Петоци за иднината“ за денеска најави протест пред Владата со почеток од 13 часот.

Од „Петоци за иднината Скопје“ побараа од наставниот кадар на средните училишта во главниот град да се солидаризира со глобалниот настан и да им дозволи на средношколците денеска да ги напуштат првите два часа од втората смена.

Движењето порачува дека во овој случај не станува збор за обично отсуство или бегање од часови, туку нешто многу поголемо и поважно.

„Не ставајте им неоправдани изостаноци на вашите ученици, туку, напротив, охрабрете ги да дојдат на настанот и заедно со своите врсници од целиот свет да се изборат за здрава и безбедна иднина! На крајот на краиштата, придружете им се и вие! Тие не смеат да се плашат од вас и од вашиот образовен систем, туку треба да ја развиваат свеста за тоа што нѐ опкружува и тоа што претставува вистинска закана за нивните млади животи“, порачаа од „Петоци за иднината Скопје“ додавајќи дека опстанокот на човековата цивилизација зависи од постапките што ќе ги преземеме во наредните години.

Спонзорирано: