9.8 C
Скопје
25. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото Pixabay
СВЕТ

Москва: Човекот за кој се шпекулира дека бил шпион на САД работел кај Путин

Олег Смоленков, за кого медиумите пренесуваат дека бил американски шпион, работел во администрација на рускиот претседател Владимир Путин, но бил отпуштен по внатрешна инструкција, потврди Москва.

„Вистина е. Смоленков работеше во претседателската администрација, но беше отпуштен пред неколку години преку внатрешна инструкција“, рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, а пренесе агенцијата ТАСС.

Песков рече дека нема други информации за Смоленков.

Претставникот на Кремљ додаде дека поранешниот вработен во администрацијата не присуствувал на состаноци со рускиот лидер.

„Неговата позиција не вклучувала контакти со претседателот“, објасни Песков.

На прашање дали Олег Смоленков бил асистент на Јуриј Ушаков, советник на Путин, Песков на новинарите им рече дека тој ги обелоденува информациите што може да се обелоденат.

„Се разбира, некои информации за работата во претседателската администрација не можат да се споделат со јавноста“, им рече тој на новинарите.

На прашањето да потврди дали Смоленков бил шпион на ЦИА, Песков рече дека не може да го потврди тоа затоа што ги нема тие информации.

Тој исто така додаде дека Русија не го бара Смоленков, за кој медиумите тврдат дека исчезнал во Црна Гора за време на семеен одмор и дека нема никакви информации за тоа каде се наоѓа тој во моментов.

Спонзорирано: