14.8 C
Скопје
24. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

Шилегов: Со реконструкција на главните сообраќајници обезбедуваме сигурен и безбеден сообраќај

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, учествуваше на маалска средба со граѓаните од населбата Ѓорче Петров.

Посебен осврт на средбата беше ставен на урбанизмот и унапредување на патната инфраструктура во Ѓорче Петров и Скопје.

„Во Ѓорче Петров во моментов се реконструираат две клучни сообраќајници, а тоа се улиците Ѓорче Петров и Борис Сарафов. Во првата фаза од обновата на Ѓорче Петров беше целосно обновен коловозот и поставена нова хоризонтална сообраќајна сигнализација. Во моментов се одвива втората фаза на оваа улица сè до бензинската пумпа Макпетрол, во вкупна должина од 1.500 метри. Истовремено, забрзано се работи и на реконструкција на улицата Борис Сарафов во вкупна должина од 1.700 метри. Покрај овие улици, Градот во оваа општина инвестира во бројни други проекти кои го подобруваат животот на граѓаните“, истакна Шилегов.

Тој потсети дека во изминатиот период се реконструираа клучни сообраќајници во речиси сите скопски општини, градот се развива, сообраќајниците стануваат посигурни и побезбедни како за возачите, така и за велосипедистите и пешаците.

„Во периодот што следи продолжуваме со реализација на важни мерки кои ќе влијаат на развојот на Скопје и сите општини што се дел од него. Градот ја презема мрежата за дистрибуција на топлинска енергија, се работи и на процесот на гасификација со цел што повеќе граѓани да добијат пристап до поевтино и еколошко загревање“, заклучи Шилегов.

Спонзорирано: