Секогаш во средиштето на збиднувањата...

Почина Фердинанд Пиех, поранешниот претседател на „Фолксваген“

Германската икона во автоиндустријата Фердинанд Пиех почина на 82-годишна возраст, потврди неговата сопруга во пораката испратена до АФП.

„Мојот сопруг … почина ненадејно и неочекувано на 25 август 2019 година“, напиша Урсула Пиех. Таа рече дека неговиот живот бил „обележан со страст кон автомобилите и вработените што ги произведуваат“.

Пих е роден во Виена на 17 април 1937 година и е познат по трансформацијата на „Фолксваген“, помагајќи ѝ на компанијата да се прошири со својата инженерска моќ.

Австрискиот инженер беше претседател и главен извршен директор на автомобилската компанија.

„Прво и основно, секогаш се гледав себеси како личност на производот и се потпирав на основниот инстинкт за побарувачката на пазарот. Бизнисот и политиката никогаш не ме одвлекуваа од сржта на нашата мисија: да развиваме и да правиме атрактивни автомобили”, напиша Пиех во својата автобиографија.

Тој исто така беше внук на Фердинанд Порше, кој ја основа компанијата за автомобили „Порше“ и ја создаде „бубата“ на „Фолксваген“ на барање на нацистите во 1938 година.

Пиех поднесе оставка на функцијата претседател на „Фолксваген“ во 2015 година, поради несогласување со главниот извршен директор Мартин Винтеркорн.