10.8 C
Скопје
18. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Героски му одговори на незгодните прашања на Рибаро

Откако Јане Ѓоргиоски – Рибаро му постави 10 прашања, новинарот Бранко Героски на својот фејсбук профил излезе со одговори.

Интегрално го пренесуваме фејсбук статусот на Бранко Героски, уредник и новинар:

Конкретни одговори на сите 10 прашања што ми ги поставил Јане Ѓоргиоски Рибаро

Поради упорните атаци и хејтерски коментари, на Фејсбук го блокирав Јане Ѓоргиоски (Рибаро), но секако нема да му останам должен и ќе му одговорам на сите негови 10 божем “непријатни” прашања, што ги пренесоа неколку портали:

1 ПРАШАЊЕ: Ако Героски не слушнал ниту една снимка „бомба“ за „Рекет“, врз основа на што пишувал за „Бомбашки пленум“ (негова колумна од мај), и од каде знаел дека постои „цврст доказен материјал за рекетот“, ако како што вели, немал слушнато и не е во дослух со бомбашите и нарачателите?

ОДГОВОР: Повторувам дека никогаш немам слушнато ниту еден нелегално или легално прислушуван разговор, пред да бидат јавно објавен. Вклучувајќи ги и разговорите што ги објави “Ла Верита”, Од веродостојни извори, некаде во април или мај, дознав дека постои таква снимка. Ми беше кажано и што би можело да биде содржина на снимката. Изворите ми веруваат мене, јас им верувам на нив. Затоа и напишав дека имам сознанија дека доказите се цврсти. Ги слушнавме снимките и се потврди дека сум бил во право. Што се однесува до мојот апел Заев да свика “бомбашки пленум” и да ги затвори сите дупки од кои истекуваат нелегално или легално прислушувани разговори, сега се гледа дека беше паметно да ме послуша.

2 ПРАШАЊЕ: Зошто уште во мај кога немаше објавено ни една снимка, во таа истата колумна ја цитира „народната“, „ко се бомбе лати, од бомбе ќе погинути“, ако не чул како што тврди ниедна „бомба“ пред да биде објавена?

ОДГОВОР: Јавна тајна е дека неколку центри на моќ во Македонија поседуваа и поседуваат “бомби”. Беше прашање на време кога таргет ќе стане и “бомбашот” Зоран Заев. Повторувам, требаше да го послуша моето предупредување и да реагира. Ако можел…

3 ПРАШАЊЕ: Ако со Орце Камчев немал разговарано за „Империја“ и „Рекет“, зошто тогаш пишуваше дека разговарал со него и дека бил убедуван дека Орце Камчев е невина „сведок-жртва”?

ОДГОВОР: Прецизно кажав кога сум се видел со Камчев и за што сум разговарал. Случајот сакаше за двете средби да имам сведоци. Инаку, Камчев за рекетирањето од страна на Боки 13, Катица Јанева и Зоран Милевски Кичеец пријавил кај Заев и подоцна кај обвинителката Вилма Русковска (и Заев пријавил кај Русковска, така кажа и му верувам). Русковска Камчев го смета за сведок кој пријавил рекет, согласно со законот. Сево ова беше јавно соопштено. Не од мене. Јане да се информира подобро.

4 ПРАШАЊЕ: Ако пак не добил изјава од Орце Камчев, туку од „неговите соработници“, зошто тогаш кажа и излажа „ми рече“?

ОДГОВОР: Многу изјави сум добил од Заев преку неговата прес-служба. Иако веројатно одговорите ги пишувале Роберт Поповски или Забрчанец, сум ги атрибуирал на Заев. Тоа е нормална пракса. Единствената изјава што ја добив од службата на Камчев и ја цитирав во колумна на 15 јули, ја добив од неговите соработници во периодот кога физички не бев во можност да се сретнам со Камчев (бев во Грција, можам да приложам доказ). Нормално е дека изјавата е атрибуирана на Камчев. Ова го разбира секој школуван новинар.

5 ПРАШАЊЕ: Зарем јавноста нема право да знае кои се соработниците на Камчев кои му биле извор, дали тие соработници се исто така обвинети во некој случај (нели за да знаеме колку се веродостојни), дали се дел од одбраната на Камчев, или дали се негови бизнис партнери?

ОДГОВОР: Моите извори не се обвинети во никој случај. Дури и да се, тоа не е никаков проблем. Има филм за американска телевизиска екипа која го интервјуира Садам Хусеин среде војната со САД. Тоа се смета за новинарски подвиг. Кате Блажевска го интервјуираше Али Ахмети во Шипковица за време на војната во 2001 година. Тоа беше новинарски подвиг. Работа на новинарите е да разговараат со сите достапни извори и да ја оценуваат нивната веродостојност. Моите извори беа и се веродостојни и тоа го покажа истрагата. Денеска тоа го кажа и колешката Лупевска. Дали јавноста има право да знае кои се моите извори? Не, никој нема право да знае. Освен ако некој од нив самиот не одлучи поинаку. Моја должност е да ги заштитам своите извори.

6 ПРАШАЊЕ: Ако е вистина дека не поседувал „важни докази“ за рекет освен тие што ги објавил за „Меѓународен сојуз“, тогаш врз основа на што ги изнесува тешките обвинувања за дузината лица што ги спомнува во неговите колумни?

ОДГОВОР: Врз основа на исказите на моите извори. Истрагата потврдува и ќе допотврди дека за се сум бил во право. Најдобар доказ за тоа е рекетот во Битола – се потврди дека за се сум бил во право.

7 ПРАШАЊЕ: Ако е вистина дека „сė што знам и дознавам во врска со аферата “Рекет” го споделувам со моите читатели“ зошто тогаш не сподели навреме дека не се сретнал со ЈК, дека не разговарал, и дека не слушнал нитуе една „бомба“ пред да биде објавена?

ОДГОВОР: Нека извини Јане, ама прашањето е глупаво. Јас имам обврска да кажам што сум направил, а не што не сум направил. Тоа би било како да кажам – јас не сум слетал на Месечината, јас не сум се качил на Монт Еверест… Бесмислено е тоа.

8 ПРАШАЊЕ::Ако е вистина тоа што го тврди кога вели „Моите извори ми веруваат“, и ако подеднакво им верува на неговите извори, зошто не се обиде да добие информации и изјави и „од другата страна“, од лицата кои отворено ги сомничи за вклученост во „Рекет“?

ОДГОВОР: Лицата за кои прашува Јане јавно ги посоветував да се јават кај обвинителката Русковска во врска со аферата “Рекет” и кај Зоран Заев во врска со својата политичка одговорност. На осомничените и на нивните блиски соработници не им се јавив, бидејќи знаев дека се води истрага и не сакав да и наштетам на истрагата. Тука ја вклучувам и Катица Јанева. Јавно побарав средба со Заев, јавно бев одбиен. Тоа е тоа.

9 ПРАШАЊЕ: Ако е вистинито неговото тврдење „Јас не тргувам со информации и со влијание“, зошто тогаш изнесува информации главно од лица осомничени или обвинети за криминал (или нивни соработници), кои имаат сериозни мотиви да влијаат на истрагите покренати против нив?

ОДГОВОР: Пак извинување до Јане, но прашањево е со теза која не е точна и е чисто подметнување. Значи, лага е дека изнесувам информации главно од лица осомничени или обвинети за криминал или од нивни соработници. Веќе одговорив дека моите извори не се такви лица – никој не е осомничен или обвинет за ништо. Истовремено, Плусинфо екстензивно пренесува информации од најразлични извори, со мое знаење секако, кои се релевантни за скандалот. Се што кажал Заев, на пример, е пренесено. Се што кажале сите обвинители е пренесено. А тие не се ни осомничени ни обвинети. Инаку, само во Македонија се смета дека е забрането или неетички да се пренесуваат информации од обвинети и осомничени и од нивните бранители. Обратно е, новинарите имаат обврска да ги сослушаат сите страни. Така е во цивилизираниот свет.

10 ПРАШАЊЕ: Ако е вистина дека само Боки 13 „го инволвира Заев во скандалот“, тогаш зошто постојано го споменува Заев во неговите колумни за Рекет, и тоа пред да биде објавена „бомбата“ за која самиот тврди дека не ја чул?

ОДГОВОР: Секогаш кога сум го спомнал Заев сум бил јасен и прецизен: Заев не е ни обвинител ни судија, но е политички најодговорен оравосудните институции да дејствуваат слободно и согласно со законот. Дејствувајќи во таа насока, Заев можеше, а можеби уште може, да придонесе скандалот да се расчисти и да се намалат штетните политички последици за оваа власт.

Ете, тоа се моите опширни одговори на конкретните прашања. Злобните коментари на Јане Ѓорѓиоски ќе ги игнорирам. Очекувам порталите кои ги пренесоа прашањата, да го пренесат во целина и овој мој пост со одговорите. Тоа би било професионално и коректно од нивна страна.

Спонзорирано: