Секогаш во средиштето на збиднувањата...

(Видео) Стоилковски: Русковска и Јовески не смеат да мрднат без знак до државната мафија

Цел месец мина од првото апсење и приведувањето на Боки Тредичи и Кичеец, а обвинителството наместо да работи на докажување на делата на нарачателите и на помагачите во „Рекет“, работи на обезбедување алиби и ослободување на Зоран Заев и неговите извршители, рече денеска во изјава за медиумите портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Тој додаде дека Катица Јанева без која, како што кажа, воопшто и не би бил можен милионскиот рекет, е оставена да се шета по плажи и фризерски салони, да губи и да форматира телефони и да се враќа на работа како ништо да не било.

„Државната мафија ја напаѓа јавноста, а Русковска и Јовески не смеат да мрднат без нејзин знак. Цел месец, телефонот на Јанева е во обвинителството, телефонот на Тредичи цел месец е во обвинителството, цела ЕУ го виде и слушна рекетот, сите знаат како се местат случаи и се зема рекет за правна слобода, граѓани и бизнисмени пријавуваат кражби и измами од невладината на државната мафија. А, Русковска и Јовески ја занимаваат јавноста со бледи соопштенија“, обвини партискиот портпарол.

Стоилковски посочи дека ако за најголемиот скандал цел месец спроти европскиот извештај се потрошил на одмори, тогаш може да се каже дека на власта воопшто не ѝ е гајле за европската перспектива на Македонија.

„Повикуваме на итни оставки, неопходни се итни избори за правото да се зафати со прашањата каде завршуваат парите од рекетот, кој е организатор на рекетот, кој е главата на државната мафија“, порача портпаролот на опозициската партија додавајќи дека Македонија ги живее најтемните времиња кои ќе останат врежани во колективната меморија.

Во тренд…