3.8 C
Скопје
20. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Сведоштва за нападот во Ел Пасо: „Помислив дека се тоа удари на покривот“

Лесли која работи како продавачка во Волмарт раскажа за локалната телевизија „КТСМ“ дека работела на касата кога почнало пукањето во Ел Пасо, каде во напад беа убиени 20 лица. Во првиот момент, како што рече Лесли, таа помислила дека паѓаат кутии.

„Мислев дека тоа е нешто како кутии кои гласно паѓаат, додека звукот не почна да се приближува. Тогаш ја погледнав колешката и гледавме во шок. Зедов со мене повеќе луѓе, меѓу кои и девојче кое ги загубило родителите, ја поведов и неа“, раскажа продавачката.

Адриана Куезада била на шопинг со нејзините две ќерки кога почнало пукањето.

„Слушнав пукање, но помислив дека се тоа удари на покривот“, раскажа таа.

Осомничениот убиец во моментов се наоѓа во притвор. Полицијата упати итен повик за дарување на крв поради големиот број на повредени лица. Жителите на Ел Пасо доброволно даруваат крв за повредените, додека полицијата и припадниците на воените сили се обидуваат да им помогнат на луѓето кои трагаат по своите најблиски.

„Во моментов е хаос“, изјави за „Фокс њуз“, воениот доктор, Аустин Џонсон, кој доброволно им помага на повредените од шопинг центарот.

Според манифестот на масовниот убиец, кој се појави во пресрет на нападот, многумина заклучија дека мотив за нападот е расизам и омраза.

Сепак, Емерсон Буие, надлежен агент на ФБИ кој ја води истрагата, смета дека е потребна подолга истрага пред да се донесе било каков заклучок, јави „Си-ен-ен“.

Од Ел Пасо е и Бето О’Рурк кој се надева на номинација на Демократската партија на претседателските избори. Тој за новинарите изјави дека дел од одговорноста треба да се препише и на реториката на претседателот Доналд Трамп кон имигрантите од Мексико која не само што ги навредува чувствата, туку предизвикува и насилство.

Округот Ел Пасо има повеќе од 80 отсто латиноамериканци, а десетици илјади Мексиканци легално ја поминуваат границата секојдневно за да работат и купуваат во Ел Пасо.

Спонзорирано: