5.8 C
Скопје
29. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Мигрантите ја обвинуваат француската гранична полиција за расизам

Мигранти кои биле принудени да се вратат преку француско-италијанската граница тврдат дека француската полиција лошо ги третирала и ја обвинуваат за расизам, пренесува „Ил џорнале“.

Иако многумина во Франција ја пофалија Карола Ракете, капетанот за транспорт на мигранти, вклучувајќи го и градот Париз, кој ѝ даде медал и голема парична награда, мигрантите на француско-италијанската граница тврдат дека француските власти воопшто не се гостопримливи.

Весникот зборувал со неколку мигранти на границата, меѓу кои и еден човек по име Хамид, кој тврди дека полицијата го натерала да се врати преку границата во Италија, навредувајќи го. „Кога француската полиција сфати дека сум Алжирец, почнаа да ме навредуваат на арапски јазик”, вели тој.

Извештајот од Националната асоцијација за помош на границите за странци, исто така, ја обвини полицијата за расизам тврдејќи дека патниците се поделени и селектирани врз основа на надворешни карактеристики, како што се бојата на кожата, мирисот и облеката.

„Тие им бараат документи само на луѓето со физички карактеристики што сугерираат дека потекнуваат од африкански или од земјите од Блискиот Исток”, додаваат тие.

„Ил џорнале“ разговарал со човек по име Дарен, кој живее во пограничниот град Вентимиља, и кој бил уапсен од француската полиција едноставно затоа што изгледал како да е мигрант.

„Јас живеам во Вентимиља со моето семејство и само сакав да одам на концерт. Јас сум пејач”, вели тој.

Извештаите доаѓаат откако весникот во октомври минатата година посочи дека француската полиција ја преминува границата во Италија и ги остава мигрантите во градот Клавиере.

Во тоа време популистичкиот италијански министер за внатрешни работи, Матео Салвини, ги критикуваше акциите на француската полиција велејќи:

„Она што се случи со Клавиере е повреда без преседан против нашата земја”.

Салвини викендот испрати писмо до францускиот министер за внатрешни работи, Кристоф Кастанер, во кое се наведува дека Италија повеќе нема да зема сите новопристигнати мигранти во Европа, велејќи:

„Изборите направени само во Париз и Берлин се доволни, Италија повеќе нема да ги прифаќа сите мигранти кои пристигнуваат во Европа.“

Спонзорирано: