10.8 C
Скопје
20. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Историчар открил докази дека Истанбул го одобрил ерменскиот геноцид

Помеѓу 1914 и 1923 година, за време и по Првата светска војна, стотици илјади Ерменци кои живееле во Турција биле системски затворани и убиени. Илјадници луѓе биле принудени да ги напуштат своите домови. Некои проценки наведуваат дека бројот на загинати изнесува над 1,5 милиони, пренесува „Брејтбарт“.

Сега, новооткриени документи потврдуваат дека ерменскиот геноцид бил и одобрен и поддржан од лидерите на Отоманската Империја во Истанбул.

Фактот дека ерменскиот геноцид се случил е масовно прифатен во академските кругови, но турската Влада продолжува да ја негира вината на своите претходници.

„Ерменската дијаспора се обидува да всади омраза против Турција преку светска кампања со тврдењата за геноцид пред стогодишнината од 1915 година. Ако разгледаме низ што сè помина нашата нација во изминатите 100-150 години, ќе најдеме многу повеќе страдање од она што го доживеаја Ерменците”, рече турскиот претседател Реџеп Ердоган во 2015 година.

Ставот на Ердоган има поддршка од огромно мнозинство на турското население. Како што објави „Њујорк тајмс” во 2015 година, анкетата спроведена од Центарот за студии по економија и надворешна политика, истражувачка организација од Истанбул, помалку од еден од 10 Турци веруваат дека владата треба да ги нарече злосторствата геноцид и да се извини.

„Официјалните претставници на турската Влада продолжуваат да го користат истиот аргумент дека османлиската влада никогаш немала намера”, вели Танер Акчам, експерт за ерменскиот геноцид и професор по историја на универзитетот „Кларк“ во Масачусетс.

„Тие прифаќаат дека имало жртви и некои масакри, но тврдат дека османлиската влада не можела да ги контролира оддалечените области и дека некои курдски племиња или бандити или некоја друга група ги извршиле тие злосторства”.

Она што досега недостасуваше беше директен доказ кој ја поврзува османлиската влада со злосторствата, а тоа е токму она што го пронашол Акчам.

„Овој нов доказ е голем удар против аргументите на турските негирачи”, вели Акчам.

Неговото откритие сугерира дека геноцидот навистина бил извршен на периферијата од империјата, но не од одметнати агенти и бандити, туку од провинциските гувернери. Овие гувернери биле во комуникација и добивале помош од лидерите во Истанбул.

„Ова покажува дека процесот на радикализација почнал во провинциите”, вели Акчам.

Доказите, серија телеграми транскрибирани, дешифрирани и потпишани од турски официјални лица, биле откриени во серијата нови документи објавени во Отоманската архива, збирка историски документи во Истанбул, организирана од владата и ставена на располагање на истражувачите.

Новооткриените писма ја содржат првата недвосмислена употреба на термините „истребување” и „уништување” од османлиските службеници, и во провинциите и во Истанбул. Анализата на потписите потврди дека неколку од транскрибирани телеграми биле напишани од Бахаетин Шакир, шеф на паравоената Специјална организација и еден од архитектите на ерменскиот геноцид.

Иако планот за истребување на сите Ерменци што живеат во Турција почнал како провинциска идеја, новите докази сугерираат дека Истанбул го поддржал геноцидниот пристап.

Во прилог на документите добиени од Отоманската архива во Истанбул, Акчам исто така открил слични писма – транскрибирани телеграми – кои биле користени како докази на судења организирани од поствоената отоманска влада.

„Имало 63 различни судења и повеќе од 200 обвинети. Материјалите од овие судски постапки исчезнаа. Владините претставници никогаш не ги направија овие судски постапки достапни за истражувачите”, вели Акчам.

Истражувачите знаеле за овие судења само од извештаите на дневните весници во Истанбул. Отоманската влада објавила и неколку пресуди. Но, некои од документите од овие судења завршиле во приватната архива на католички свештеник во Ерменија.

Меѓу документите од судењата Акчам пронашол транскрибирани телеграми користејќи го истиот систем за дешифрирање – серија арапски букви и броеви кои ги претставуваат зборовите и суфиксите – меѓу документите од Отоманската архива.

„Отидов во Отоманската архива, открив дека овој четирицифрен систем за кодирање е ист за двете групи телеграми. Автентичноста не може да се спори, ова е главното откритие“, вели тој. Транскрибираните телеграми обезбедиле дополнителни докази за комуникацијата меѓу оние кои го извршиле геноцидот во провинциите и воените и политичките претставници во Истанбул, вклучувајќи ги и пораките што Акчам ги карактеризирал како „наредби за убивање”.

Што се однесува до причините зошто овие документи биле јавно објавени од турската Влада, која упорно ја негира вината на своите претходници, Акчам претпоставува дека функционерите едноставно не ги прочитале темелно. Документите во архивите беа сумирани од службениците пред да бидат објавени, а во резимето на новооткриените телеграми не се споменува ништо за деталите поврзани со ерменскиот геноцид.

Акчам вели дека неговите откритија, сумирани во истражувањето за Journal of Genocide Research, дополнително ќе ја зацврстат вистината за ерменскиот геноцид и се надева дека наскоро ќе биде прифатена и од турската Влада. Според Акчам, геноцидот има импликации за политичката ситуација во модерна Турција.

„Турците и турската Влада денес ги имаат истите проблеми со Курдите како што имале Отоманците со Ерменците во минатото. Ерменците бараа правна и социјална еднаквост. Курдите денес имаат слични барања”, вели тој.

Како резултат на тоа, вели Акчам, Курдите се етикетирани како закана за безбедноста и турската Влада се обидува да ги потисне овие демократски барања.

„Без да ги признае историските грешки, Турција не може да воспостави демократска иднина”, смета Акчам.

Според историчарот, признавањето на ерменскиот геноцид е од суштинско значење за подобрување на односите меѓу Турција и нејзините соседи.

„На регионално ниво, ако ја продолжите оваа политика на негирање, тоа значи дека имате потенцијал да ја повторите истата политика против вашите соседи. Ова е причината зошто многу соседи на Турција ја сметаат турската влада за закана за безбедноста. Без помирување со историјата, мирот нема да биде остварлив во регионот”, нагласи Акчам.

Спонзорирано: