6.8 C
Скопје
18. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Хан: Северна Македонија направи храбри компромиси, ЕУ губи ако не ја награди земјата

Политичкиот компромис на земјите од Западен Балкан треба да биде награден, изјави комесарот за проширување, Јоханес Хан, во пресрет на утрешната седница на Советот на ЕУ.

Во околности во кои Советот на ЕУ утре може повторно да ја одложи одлуката за почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија, Хан денеска ги повика министрите на ЕУ што побргу да овозможат почнување пристапни преговори со нашата земја оценувајќи дека тоа би бил важен сигнал за целиот регион, пренесе „Танјуг“.

Тој порача дека земјава направила сè што било побарано од неа и предупреди дека секое одлагање соодветен одговор од ЕУ би претставувал ризик.

„Ако една земја, која многу инвестира во европската перспектива, а нејзините лидери покажаа храброст во постигнувањето компромиси, не биде наградена за тоа, тогаш ЕУ ги губи кредибилитетот и моќта да дејствува во целиот регион на Западен Балкан“, смета Хан.

Министрите за надворешни работи на ЕУ на состанокот на Советот во Луксембург утре, треба да донесат заклучоци и препораки за понатамошните чекори во поглед на земјите што се во процес на пристапување кон Унијата.

Додека група земји предводена од балтичките земји и од Централна Европа се залагаат за почеток на пристапните преговори во јуни, Германија бара одложување до септември поради расправата на Бундестагот.

Во исто време Франција и Холандија сметаат дека одлуката за Северна Македонија може да биде донесена и подоцна, а се и против почетокот на преговорите со Албанија поради, како што ценат, неубедливите докази за напредок во владеењето на правото, особено во борбата против организираниот криминал.

Спонзорирано: