3.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

ОН изгласа: Велика Британија да го врати островот од кој го протера населението

Генералното собрание на Обединетите нации побара од Велика Британија во рок од шест месеци на Маурициус да му го врати архипелагот Чагос, каде што се наоѓа британско-американска стратешка воена база.

ОН ја изгласа резолуцијата на иницијатива на Маурициус. Таа не е обврзувачка, но има политичка вредност. „За“ гласале 116 земји, шест гласале „против“, меѓу нив и САД, а 56 биле воздржани.

Архипелагот Чагос се наоѓа во центарот на повеќедецениски спор по британската одлука од 1965 година да го раздвои архипелагот од Маурициус и да постави воена база заедно со САД. Велика Британија протерала околу две илјади луѓе од Чагос во Маурициус и Сејшелите во текот на 60-ите и 70-ите години за да направи место за воена база.

Маурициус стекна независност од Велика Британија во 1968 година и од тогаш бара да му биде вратен архипелагот.

Британското Министерство за надворешни работи соопшти дека не го признава суверенитетот на Маурициус над Чагос и дека стои зад веќе кажаниот став дека ќе ѝ го врати архипелагот на оваа држава кога повеќе нема да биде потребен за одбранбени цели.

„Заедничката британско-американска база ѝ помага на Британија и на светот во борбата против тероризмот, организираниот криминал и пиратите“, тврди Лондон.