3.8 C
Скопје
20. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Во британската кралска морнарица разоткриени корисници на кокаин

Од подморницата на британската кралска морнарица „HMS Talent“, вооруженa со крстаречки ракети „томахавк“, исфрлени се седуммина морнари кои користеле кокаин, објавиј „Мејл он сандеј“, а „Дејли телеграф“ потсетува дека на овој најнов случај веќе му претходеа неколку инциденти во кои беше откриено дека британски војници користеле кокаин, како што е оној што се случи во кралскиот замок Виндзор.

Според „Мејл“, морнарите биле разоткриени при задолжителниот тест за дрога, утрото по забава на којашто тие користеле кокаин, сето тоа додека подморницата долга повеќе од 85 метри и тешка 5.300 тони се подготвувала за деликатна мисија за следење на движењето на руските подморници во Северното Море и во областа на Арктичкиот Круг.

Се тврди дека високи воени офицери наредиле овие морнари да бидат предадени на воената полиција бидејќи лекарите на Кралската морнарица минатата недела ги потврдиле позитивните резултати.

Британското Министерство за одбрана го потврди инцидентот во саботата навечер, велејќи дека однесувањето на војниците не е во согласност со воената служба бидејќи таквото поведение ја намалува оперативната ефикасност.

Подморницата „HMS Talent“ првпат го привлече вниманието на медиумите пред четири години кога по ударот во леден брег, за време на следење на руски подморници, беше потребна поправка која чинеше половина милион фунти.

„Мејл он сандеј“ пренесува дека британското Министерство за одбрана во текот на викендот објавило дека седуммина војници од Шестиот полк на Кралскиот логистички корпус од Јоркшир се отстранети од службата, по тест кој покажал дека зеле кокаин.

„Дејли телеграф“ соопшти дека вакви инциденти се веќе регистрирани, меѓу кои се споменува и случајот со четворица војници од полкот на принцот Хари, војводата од Сасекс.

Спонзорирано: