4.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото Pixabay
СВЕТ

САД го обвинија Асанж за заговор за хакирање владин компјутер

САД го обвинија основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж, за заговор за хакирање владин компјутер поврзан со неговата улога во објавувањето на тајните американски документи во 2010 година, покажува кривичната пријава која беше отворена денеска само неколку часа откако британските власти го уапсија Асанж во Лондон, пренесува „Њујорк тајмс“.

Американското Министерство за правда ги обелодени обвиненијата против Асанж, кој се товари за заговор со Челси Менинг за вршење компјутерски упад и кражба на доверливи податоци. Асанж може да се соочи со затворска казна од 5 години ако биде прогласен за виновен.

Американските обвинители веруваат дека Менинг, кој беше аналитичар на разузнавачките служби на САД во 2010 година, му дал на Асанж лозинка која била складирана на компјутери на американската одбрана.

Во 2010 година Асанж ја објави класифицираната американска воена снимка позната како „Колатерално убиство“ на американски хеликоптер „апачи“, кој отвора оган и убива 12 лица, вклучувајќи и двајца вработени во „Ројтерс“. Снимката беше испратена до „Викиликс“ од страна на американскиот војник Челси Менинг, кој подоцна беше суден на 35 години затвор.

Единственото обвинение, заговор за извршување компјутерски напад, произлегува од наводниот договор на Асанж со Менинг да се пробие лозинката на класифициран компјутер на владата на САД.

Значајно е тоа што обвинението против Асанж не е за шпионажа, детаљ што ќе дојде како олеснување за поборниците за слобода на медиумите. Владата на САД до лани размислуваше да го обвини Асанж за дело поврзано со шпионажа.