13.8 C
Скопје
25. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Uncategorized

УНИЦЕФ: Речиси 61 отсто од децата во Северна Македонија не посетуваат предучилишно образование

Новиот глобален извештај на УНИЦЕФ нагласува дека 176 милиони деца од предучилишна возраст не посетуваат предучилишно образование и повикува владите од целиот свет да ги зголемат инвестициите за да обезбедат најдобар почеток во животот за секое дете. Во Северна Македонија, велат од УНИЦЕФ, каде што речиси 41.000 деца – околу 61 отсто од децата на предучилишна возраст (од 3 до 6 години) – не посетуваат предучилишно образование, Владата се посвети на реформи за подобрување на пристапот и квалитетот на предучилишното образование.

„Предучилишното образование е образовна основа за децата – секоја фаза во образованието што следува се потпира на успехот од оваа фаза“, рече претставникот на УНИЦЕФ, Бенџамин Перкс.

Сепак, како што додаде, многу деца во светот се лишени од оваа можност. Во последните неколку години Северна Македонија постигна напредок во обезбедување подобар пристап на децата до предучилишно образование, но сепак опфатот е и понатаму низок и бара континуирано инвестирање за секое дете да добие најдобар можен поттик за да успее во животот и во глобализираната економија.

Извештајот открива дека децата што посетувале барем една година предучилишно образование имаат поголеми шанси да ги развијат способностите за критичко мислење, кои им се потребни за да успеат на училиште, помала веројатност да повторуваат одделенија или да го напуштат образованието, а со тоа кога ќе пораснат, имаат поголема способност да придонесат кон просперитетни општества и економии.

„Посветено работиме на секое дете да му обезбедиме услови за подобар раст и развој, а овој темелен процес продолжува и во следниoт период во кој капацитетите на градинките ќе ги прошириме за 7.000 нови места. Буџетот на МТСП наменет за капитални инвестиции годинава е зголемен 300 отсто, што ја покажува нашата решеност да обезбедиме што подобри услови за раст и развој на децата, но истовремено и да ги зајакнеме професионалните компетенции на воспитувачите“, рече Мила Царовска, министер за труд и социјална политика.

Глобалниот извештај нагласува дека децата што посетуваат предучилишно образование имаат двојно поголема веројатност да ги совладаат вештините на почетно читање и сметање во споредба со децата што ги испуштиле раните фази на образованието. Во земји каде што поголем број деца посетуваат програми за предучилишна возраст, значително поголем број деца завршуваат основно училиште и по завршувањето, имаат базични компетенции за читање и математика. И други студии го потврдуваат ова, како што се меѓународните тестови, меѓу кои е Програмата за меѓународно оценување на постигањата на учениците (PISA), која покажува дека децата од нашата земја кои посетувале предучилишно образование имаат подобри резултати од оние што не посетувале.

УНИЦЕФ ја поддржува Владата на Северна Македонија да го зголеми опфатот во квалитетно предучилишно образование преку отварање нови центри за ран детски развој и подобрена поддршка во учењето. Ова опфаќа поддршка за развој на професионалните компетенции на наставниците во предучилишното образование; изготвување национална платформа за поддршка на наставниците и пристап до ресурси за поттик на детскиот развој, како и воведување национална програма за социјален и емотивен развој на децата на предучилишна возраст, која ќе помогне децата да добијат цврста емотивна основа и капацитет подобро да се справуваат со секојдневните социјални интеракции подоцна во животот.

Во глобалниот извештај УНИЦЕФ ги повикува владите да го поврзат зголемувањето на опфатот со подобрување на квалитетот на предучилишното образование. За да се оствари тоа, УНИЦЕФ ги повикува владите да обезбедат најмалку 25 отсто од редовниот буџет за предучилишно образование за трошоци што не се поврзани со плати, како што се обука на едукаторите и наставниците, изготвување наставен план, материјали за предавање и учење и механизми за обезбедување квалитет на наставата.

Спонзорирано: