15.8 C
Скопје
29. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Uncategorized

Заев и Османи учествуваа на настан по повод Меѓународниот ден на Ромите

Претседателот на Владата, Зоран Заев, придружуван од заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, денеска учествуваа на настан „Предизвиците и перспективите на Ромите во Република Северна Македонија“, организиран од здружението на граѓани „Ромаверзитас“ и Ромскиот образовен фонд (РЕФ), по повод 8 Април, Меѓународниот ден на Ромите.

Во своето воведно обраќање премиерот Зоран Заев, од свое лично име и од името на Владата на Република Северна Македонија, се заблагодари на сите кои активно работат за подобрување на состојбата на Ромите во државата.

„За нас, за оваа Влада на Република Северна Македонија, целите на Првиот светски конгрес на Ромите, како и на Европската платформа за вклученост на Ромите не се само обврска. Тие се искрена желба и посветеност да градиме инклузивно општество во кое никој, ниту еден, нема да биде запоставен. Еднакви права и достоинствен живот за сите е единствениот пат до успешна, заедничка Република Северна Македонија, дом за сите, интегрирана во Европската Унија“, истакна Заев.

Настанот, кој, како што рече премиерот, освен што трага по одговорите за предизвиците и перспективите на Ромите во Република Северна Македонија, истовремено е уште еден заеднички чекор како на најдобар можен начин да се промовира и практикува стратешката определба за изградба на концептот „Едно општество за сите“, по углед на големата европска идеја – Обединети во различностите.

„Еден од чекорите за остварување на оваа наша определба е и Стратегијата за Ромите и националните акциони планови, како дел од јавните политики на државата, за еднакво вклучување на Ромите во општествените текови. При тоа, Република Северна Македонија се води од желбата за подобрување на квалитетот на живот кај сите свои граѓани, но и од нејзините аспирации за евро-атланската интеграција и вклучување во европските иницијативи за социјална вклученост“, подвлече премиерот Заев.

Во рамки на настанот за одбележување на Меѓународниот ден на Ромите, свое обраќање имаше и заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи, кој посочи на европските вредности на солидарност, еднаквост и рамноправност, како клучни елементи со кои Република Северна Македонија го гради својот модел на мултикултурна и мултиетничка функционална демократија.

„Повеќе од илјада години Ромите и нивното културно наследство се составен дел на европската општества и европската култура, вградувајќи се притоа и како важен елемент на Европската Унија, каде прашањето за еднаквост и заштита на Ромите од дискриминација има посебна важност. Процена е дека на европскиот континент популацијата на Роми брои 10 милиони жители без матична европска држава, со што тие практично претставуваат најголемото етничко малцинство во Европа. Имајќи предвид дека Република Северна Македонија е силно посветена на изградбата на мултикултурно општество, со механизми за заштита на правата на сите етнички заедници имплементирани преку Охридскиот рамковен договор, убав предизвик е да создадеме услови Ромите да ја чувствуваат Република Северна Македонија како нивна матична европска земја која ќе се грижи за нивните права насекаде“, истакна вицепремиерот Османи, нагласувајќи ја извесната европска иднина на земјата, како членка на Европската Унија.

На настанот свои воведни обраќања имаа и шефот на Делегацијата на Европската Унија, Самуел Жбогар, и извршниот директор на Ромскиот образовен Фонд (РЕФ), Надир Реџепи, по кои следуваа тематските обраќања на алумнистите на „Ромаверзитас“ и РЕФ, Фикрија Таир, Елвис Шаќири и Сенада Сали.

Спонзорирано: