17.8 C
Скопје
20. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Заврши проектот „Смарт старт“ наменет за развој на социјалното претприемаштво

Завршниот настан од проектот „Смарт старт: Оддржливо влијание на граѓанските организации од Македонија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Турција преку социјално претприемаштво и социјални иновации“, кој е поддржан од Европска Унија, а го спроведува Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП), се одржа денеска во Скопје.

Преку школата „Смарт старт“ беа обучени 20 невладини организации кои стекнаа знаење и вештини за основање и водење социјално претпријатие, а на 10 од нив им беше доделен почетен грант од по 6.000 евра, со кои невладините организации се трансформираа во социјални претпријатија: „Хуманa С“ (Скопје), „Лице в лице“ – СЕНС (Скопје), „Виножито“ (Радовиш), „Избор“ (Струмица), „Жабец“ (Скопје), InnAc (Тетово), „Педала“ (Скопје), HubIT (Скопје), Локална агенција за развој (Струга), „Виктори декорации“ (Свети Николе).

На настанот присуствуваа и се обратија Марија Ристеска, извршна директорка на ЦИКП, Ирена Иванов од делегацијата на ЕУ, Дамир Зековиќ, „Смарт старт“, програмски менаџер од Босна и Херцеговина, Душан Томшиќ од Министерство за труд и социјална политика, Килиан-Ј. Андрес Ескајола, „Старт хаб Африка“, и Џејлан Озунел од Фондацијата „ЈАДА Вакфи“.

На завршниот настан преку презентации на своето досегашно работење зазедоа и дел од организациите што се транcформираа во социјални претпријатија.

„За разлика од земјите во ЕУ, во земјите на Балканот и во Турција до почнувањето на проектот ‘Смарт старт’ немавме никакви активности за развивање на социјалното претприемаштво. Денес, благодарение на проектот во земјите што беа вклучени, имаме 60 социјални претпријатија. Се гордееме што проектот ни донесе компании што работат на решавање општествени проблеми и ја шират свеста за придобивките од социјалното претприемаштво. Но, сепак, и покрај нашиот успех во сите погоре споменати земји, потребно е да се работи на изготвување закони за социјално претприемаштво и негово развивање“, изјави Зековиќ.

Томшиќ потенцира дека во моментот се подготвува стратегија за социјално претприемаштво, коja во основа треба да даде мерки што ќе ги поддржат развојот и основањето на овој вид претпријатија. За таа цел направени се низа промени на постојните закони за јавни набавки, законите за персонален данок и Законот за данокот на добивка. Носењето на законот за социјални претпријатија во земјата е потребно и тој се очекува да биде готов до крајот на оваа година, но сепак во меѓувреме треба да се работи на растењето на овие претпријатија, развојот на човечкиот потенцијал и менаџерските капацитети.

Покрај едукативната и финансиска поддршка од ЦИКП, значителна поддршка дадоа и менторите од корпоративниот сектор, кои патем се закитија со титулата добар бренд, со што се даде придонес кон зајакнувањето на капацитетите на овие социјални претпријатија. За помалку од една година, резултатите се видливи – повеќе од 10 нови вработувања на ранливи категории граѓани и нови 7 производи и 5 услуги.

Инклузивноста на проектот ги опфати лицата со оштетен вид, болните од рак, долгорочно невработените жени, ранливите, старите и изнемоштени, на поборниците за здрава животна средина и други потешко вработливи категории.

Извршната директорка на ЦИКП, Марија Ристеска, порача дека „Смарт старт“ нема да заврши овде. „Ќе продолжиме бидејќи сме целосно предадени на каузата – Северна Македонија да биде лидер во социјалното претприемаштво“, рече таа.

Спонзорирано: