Секогаш во средиштето на збиднувањата...

ССК: Недоволна соработка со компаниите во зоните со потенцијал за раст

Да се интензивира соработката на домашните компании со инвеститорите во слободните економски зони преку пренесување знаење, технологии, менаџерски вештини, во насока на зајакнување на нивната конкурентност, како и можности за отворање на пазарот надвор од државата, беше истакнато на денешната прес-конференција на Сојузот на стопанските комори (ССК).

Александар Зарков, извршен директор на Сојузот, истакна дека во согласност со анализата на коморите за 2018 година соработката со компаниите од слободните зони треба да се поддржува и охрабрува бидејќи само 4 отсто од анкетираните компании се изјасниле дека се дел од вредносните синџири на компаниите од слободните економски зони, 6 отсто обезбедуваат одреден тип услуга, имаат некаков вид соработка – се изјасниле 13 отсто, 18 отсто бараат можност за да соработуваат и многу високи 59 отсто немаат никаква соработка и не преземаат конкретни мерки за надминување на ваквата состојба.

„Од анализата евидентно е дека 23 отсто од компаниите остваруваат некаков вид соработка во најголем дел услуги и друг вид соработка, која не е како стратегиски доставувач. При анализа на секторската распределба на компаниите со оние од слободните економски зони ситуацијата малку се разликува од општата слика. Од оние 4 отсто компании што се дел од вредносните синџири на зоните, градежниот сектор учествува со 6 отсто, другите сектори со 5 отсто и земјоделскиот сектор со 3 отсто. Сите видови дејности обезбедуваат логистика во опсег од најниските 3 отсто во земјоделството до највисоки 9 отсто во туризмот. Текстилниот сектор е поинаков преку обезбедување друг вид соработка со високи 32 отсто. Одговорите на 77 отсто од испитаните компании, кои се изјасниле дека немаат соработка и разгледуваат можности за соработка, се рангираат највисоко и се разликуваат од сектор до сектор, од 87 отсто во земјоделството, 83 отсто во ИКТ, 79 отсто во категоријата други дејности од наведените, 76 отсто во градежништвото, 76 отсто во туризмот, до 63 отсто во текстилот. Гледано од аспект на големина на компаниите, 58 отсто од големите компании во 2018 немале никаква соработка или само ги разгледувале можностите за соработка со компаниите од слободните зони. Процентот на компаниите што не соработуваат или кои бараат можности за соработка се движи помеѓу 78-80 отсто. Големите компании имаат највисок процент во вредносниот синџир на компаниите од слободните економски зони со 10 отсто, а овој процент кај малите компании е максимално 5 отсто. Големите компании исто така учествуваат со највисок процент на логистичка поддршка на компаниите од зоните со 10 отсто“, истакна Зарков и додаде дека од статистичките податоци може да се заклучи дека големите компании имаат најдобра соработка со компаниите од зоните како партнери што може да обезбедат доставување договорени стоки или услуги навремено и со стандарден квалитет.
Малите и средните претпријатија, кои сочинуваат 99,7 отсто од сите регистрирани претпријатија во земјата, детектирано е дека имаат ограничени ресурси за соработка со компаниите во слободните економски зони.

Трајан Ангелоски, член на УО во ССК, појасни дека МСП нема доволно средства за да ги следи технолошките промени што ги бараат странските инвеститори.

„Темпото на развој се забрзува, се прават напори и се креираат мерки за поддршка на државно ниво, но потребно е поголемо искористување на средствата од европските фондови, кои треба да се насочат, домашните компании да ги подобрат технолошкиот развој и процесот на стандардизација во работењето. На домашните компании им е потребен поволен деловен амбиент и средства за да инвестираат во квантитет на производството, во поконкурентни цени и во процесот на стандардизација бидејќи најголемиот јаз помеѓу домашните и странските компании е токму слабата технолошка развиеност на домашните капацитети, стандардизација и сертификација на производството, како и неконкурентните цени“, истакна Ангелоски и додаде дека унапредувањето на техничко-технолошките капацитети на компаниите е предуслов за развој на нови и постојни производи сè со цел зголемување на нивната конкурентност, извоз, како и освојување нови пазари.

ССК смета дека се очекува подобрување на состојбата во иднина во стабилен деловен амбиент, погоден за инвестирање и искористување средства предвидени за технолошки напредок на компаниите, како и заложбите за интензивирање на соработката на новите странски инвеститори со локални квалификувани доставувачи.

Во тренд…