23.8 C
Скопје
29. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Анѓушев и Фазлиу на средба со градоначалниците од Скопскиот Плански Регион

Скопскиот Плански Регион е најразвиен од осумте региони во земјата, но сепак постојат диспаритети во развојот меѓу 17-те општини и во самите општини што се дел од овој регион. Како до порамномерен развој во Република Северна Македонија и во планскиот регион беше темата на седницата на Советот за развој на Скопскиот Плански Регион, на кој учествуваа потпретседателот на Владата за економски прашања, Кочо Анѓушев, министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу, заменик-министерот за локална самоуправа, Дејан Павлески, и директорот на Бирото за регионален развој, Рамиз Реџепи.

Вицепремиерот Анѓушев потенцира дека рамномерниот регионален развој е важен дел дел од програмата за работа на Владата. Тој дополни дека сите граѓани во Република Северна Македонија, независно од местото на живеење, треба да имаат исти услови и квалитет на живот, што е и клучната цел на рамномерниот регионален развој.

„Треба да учиме од направените грешки и средствата со кои располагаме да не ги насочуваме во непродуктивни и неефикасни проекти, каков што беше ‘Скопје 2014’. Сите сме свесни колку средства се потрошени за реализација на овој мегаломански проект, а колку бенефит имаат граѓаните од тоа. Доколку тие средства беа насочени кон реалните потреби на граѓаните во Скопскиот Плански Регион и во земјата, сигурен сум дека ќе беа надминати многу проблеми на локално ниво, кои ги засегаат граѓаните“, рече вицепремиерот.

Тој дополни дека Владата и Министерството за локална самоуправа работат на воспоставување системско решение преку проектот за одржлив и иклузивен развој, кое ќе придонесе значително да се подобрат планирањето и следењето на реализацијата на буџетските средства за проекти што се реализираат во пооделни региони на земјата.

„Ќе имаме подобар увид во планирањето, распределбата и реализацијата на буџетските средства, од сите државни институции, во соодветните региони, и ќе се овозможи подобро планирање на финансиите во насока на рамномерен регионален развој. Целта е разликите во развојот помеѓу и во рамките на планските региони да се намалат, а како резултат на тоа граѓаните, особено оние од помалку развиените региони во земјата, да имаат подобри услови за живеење“, потенцира Анѓушев.

Министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу, истакна дека постигнувањето на целите на рамномерен регионален развој подразбира обезбедување континуирана финансиска подршка од надлежните државни институции и успешна координација помеѓу министерствата, донаторите и засегнатите страни на регионално и на локално ниво.

„Во мандатот на оваа Влада средствата за поттикнување рамномерен регионален развој се зголемуваат секоја година. Во 2019 година тие се двојно зголемени во однос на буџетската 2017 и изнесуваат 423.500.000 денари или 7 милиони евра. Ако се земе предвид издвојуввањето и преку програмите на другите министерства, сигурно вкупните средства се и над законските 1 отсто, но e неопходно сите средства да се распределуваат во согласност со степенот на развиеност на планските региони, како што сега тоа го прави Министерството за локална самоуправа, за да може да се влијае на намалувањето на сè уште големите развојни разлики меѓу планските региони“, нагласи министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу.

Беше истакната и значајната поддршка од швајцарската влада преку имплементација на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“ преку кој се обезбедува координација и следење на алоцираните средства од разните министерства за развој на планските региони и се зајакнуваат капацитетите за инклузивен начин на утврдување на приоритетите во планските региони, со учество на локалните власти, граѓанскиот и бизнис-секторот.

Спонзорирано: