Секогаш во средиштето на збиднувањата...

Потпишан договорот за втората фаза за наводнување на јужната долина од реката Вардар

Во Домот на културата во Валандово се одржа настан во организација на Министерството за земјоделство и Владатa, на кој министерот за земјоделство, Љупчо Николовски и претставникот на компанијата изведувач на проектот „Штрабаг“, Златан Ѓурѓиќ го потпишаа договорот за градежните работи за проектот за наводнување на јужната долина на реката Вардар од втора фаза.

На настанот свои обраќања имаа и премиерот Зоран Заев и вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев.

Како што нагласија тие, со потпишувањето на овој договор започнува со реализација важен проект кој претставува значајна капитална инвестиција за воведување модерни системи за водоснабдување во земјоделството во вредност од 24,3 милиони евра од кој дел се буџетски пари, а дел се кредит и грант од германската развојна банка KfW.

„Со потпишувањето на договорот за овој важен проект ги зголемуваме капиталните инвестиции во земјоделството, создаваме модерни системи за наводнување, што крајно ќе придонесат за намалување на трошоците и загубите во производството, а од друга страна ќе придонесат за создавање на модерно и европско земјоделство“, истакна Заев во своето обраќање.

Вицепремиерот Анѓушев, потенцираше дека реализацијата на овој проект ќе има гарантира на земјоделците од валандовскиот регион квалитетно и предвидливо земјоделско производство.

„Со овој проект придонесуваме еден од најбогатите региони за земјоделски производи да добие квалитетно наводнување и предвидливост во земјоделското производство. Ќе се зафаќа вода од Удово од реката Вардар, понатаму со главен цевковод од 8,9 километри ќе се носи до препумпни станици и ќе има дистрибутивна мрежа од 85 километри. Сето тоа гарантира дека во иднина сите луѓе и граѓани кои планираат да се занимаваат со земјоделство, а ние се обидуваме да ги охрабриме да бидат во поголем број, ќе имаат еден систем кој што ќе им гарантира дека навремено ќе добијат вода која што е суштински важна сите земјоделски производи а посебно за раноградинарските култури кои што се исклучително запазени во овој регион, каде што овој систем за наводнување ќе биде инсталиран“, изјави Анѓушев.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, посочи дека реализацијата е предвидено да трае 21 месеци, но се очекува да заврши и порано со оглед на тоа дека сите услови за инвестицијата се исполнети. Дополнително потенцираше дека со германската развојна банка „KfW“, веќе течат преговорите за нова поддршка за спроведување на трета фаза од проектот за јужно-вардарска долина, со кој ќе се наводнуваат дополнителни 1.700 хектари.

Освен договорот со изведувачот на градежните работи денеска на настанот министерот Николовски ги потпиша и договорите за надзор на проектот со Градежниот институт Македонија и договорот за консултантски услуги со компанијата AHT Group AG.

Во тренд…