3.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Не возете до утре по овој автопат: Министерот за транспорт со предупредување

Градежните активности на автопатот Миладиновци – Штип во сите три секции се комплетно завршени, но министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, апелира да не се вози по него сè додека не биде и официјално пуштен во употреба. Наспроти најавите во дел од медиумите, пуштањето во употреба на патот нема да биде утре.

„Автопатот е многу важно да биде пуштен во употреба и тоа ќе се случи, меѓутоа уште поважно е да се извршат уште еднаш безбедносни проверки по сите елементи на патот. Тоа ќе се случи во наредните денови со цел сите граѓани да бидат безбедни кога возат по тој пат. Ќе биде пуштен во скоро време. Сакам да испратам апел – патот дури не биде пуштен возачите не треба да го возат“, одговори министерот Сугарески на прашањето зошто се вози по автопатот Миладиновци – Штип без тој официјално да биде пуштен во употреба.

Минатата недела од Министерството за транспорт и врски објаснија дека патот е пуштен во пробна употреба и за него се вршат технички проверки.

Автопатот Скопје – Штип, во должина од 47 километри, почна да се гради во 2014 година и за него се потрошени 206 милиони евра обезбедени со кредит од кинеската банка „Ексим“ и Јавото претпријатие за државни патишта. Изведувач на градежните работи е кинеската компанија „Синохидро“.