18.8 C
Скопје
28. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИСТОП ВЕСТИ

УЈП објави: Голема промена во Законот за готовинско плаќање

Со цел намалување на фискалната евазија, со измените и дополнувањата на Законот за регистрирање на готовинските плаќања се пропишува законска обврска за приложување на фискална сметка кон сметката којашто се сторнира, соопшти директорката на УЈП, Сања Лукаревска.

– Ваквата обврска иако досега беше уредена со подзаконски акт, сепак често не беше почитувана од повеќето даночни обврзници, поради што и се пристапи кон овие измени. Исто така со измените и дополнувањата се врши доуредување на Законот во однос на неиздавањето на сторни сметки кај вршителите на промет на храна и пијалаци за конзумирање во рамки на објектот на давателот на услугата и обложувалниците, вели Лукаревска и додава:

– Имено, се пропишува временско ограничување од 15 минути за сторнирање сметка за пијалаци и храна во ресторани, кафулиња, дискотеки и во обложувалници, како и приложување на фискалната сметка кон сметката којашто се сторнира.
При издавање на фискална сметка ќе треба точно да се внесе начинот на плаќање. Дали сметката ќе се плати во готово или со платежна картичка, вели директорката на УЈП:

Во случај на повторување на прекршоците од страна на даночните обврзници, со измените се пропишува и забрана за вршење на дејност во деловна просторија на определен временски рок.

Досегашната пракса покажува дека трендот со сторнирани сметки продолжува, но Управа за јавни приходи ја следи таквата ситуацијата.

Анализата покажува дека за 2 години има над 1 милијарда денари сторниран износ од вкупен промет околу 17 милијарди денари.
Од кои 14 806 212 149 денари изнесува износот платен во готово и 2 381 899 780 денари е износот платен на друг начин, електронски или со платежни картички.

УЈП ги контролираше дејностите: Специјализирани продавници и салони за продажба на мебел и опрема за осветлување и други предмети за домаќинство, специјализирани продавници за информатичка и компјутерска опрема, продавници за текстил, трговија на мало со спортска опрема во специјални продавници, продавници за игри и играчки, козметички салони, како и специјални продавници за часовници и накит, угостители, хотели, ресторани, сендвичарници, барови, пицерии, бурекџилници, автомеханичари, и продавници за автоделови, салони за убавина, фризери, цвеќарници и продавници за облека. И контролите покажаа дека се сторнира во повеќе дејности. На ваквата појава не се имуни ниту правните лица коишто обезбедуваат погребални услуги.

Оттука произлезе и потребата од проширени контроли кои се уште траат и утврдуваат неправилности расчленети по даноци, вели првиот човек на УЈП.

Сања Лукаревска, директорка на УЈП

Во поглед на контролите за фискализација во текот на 2018 -та година, беа спроведени вкупно 7.148 контроли за фискализација, од коишто при 826 контроли беа утврдени неправилности во најголем дел кај обврзници во Скопје, а територијално застапено, помалку или повеќе ги има во сите поголеми и помали населени места во Република Северна Македонија. Со контролите беа опфатени повеќе региони и области Тетово, Гостивар, Кичево, Дебар, Битола, Ресен, Охрид, Струга, Штип, Берово, Виница, Куманово, Кочани, Пробиштип, Делчево, Свети Николе, Прилеп, Неготино, Кавадарци, Велес, Струмица, Гевгелија, Дојран, Богданци, Радовиш, Македонска Каменица, како и сите делови на главниот град – Скопје.

При контролите за фискализација, најчести утврдени неправилности се неиздавање на фискални сметки, односно користење на компјутерски сметки/маркери како замена за фискална сметка.
Непоседување на резервен Фискален систем на опрема како и непоседување и не евидентирање на податоци во Книга за дневен финансиски извештај и итна сметководствена книга.

На крај на оваа прес конференција сакам да испратам порака до даночните обврзници кои се наши партнери и заедно сме во заложбата за економска стабилна држава, Целосното евидентирање на прометот преку фискалниот систем на опрема претставува углед и имиџ во јавноста, но и Вашето лице како институциите Ве гледаат. Почитувајќи ги правата и обврските во делот на фискализацијата полесно и поефикасно ќе ги менаџирате и исполнувате обврските кон другите даноци. Злоупотребите во делот на фискализацијата значат и се потенцијални злоупотреби и за другите даноци. – Истакна Директорката на денешната прес конференција.

Спонзорирано: