Секогаш во средиштето на збиднувањата...

Град Скопје дели субвенции за инвертер клими: Повикот е објавен, а ова е тоа што треба да го знаете

Град Скопје, како една од мерките против загадувањето на воздухот, денеска го објави јавниот повик за субвенционирање на граѓаните за купување инвертери и други современи уреди за затоплување.

Со јавниот повик се опфаќаат сите инвертер клима-уреди кои се купени од 1 јануари 2019 година и ќе трае заклучно со 30 ноември 2019 година или до исцрпување на предвидените финансиски средства од буџетот на Град Скопје за оваа намена.

Субвенционирањето на граѓаните на подрачјето на Град Скопје за набавка на посовремени уреди за затоплување за 2019 година ќе се финансира од буџетот на Град Скопје за 2019 година. Висината на субвенцијата ќе биде во износ од 50 отсто од вредноста на уредот, но не повеќе од 15.000 денари со вклучен персонален данок на доход, а јавниот повик ќе се реализира во согласност со принципот прв дојден, прв услужен.

На јавниот  повик немаат право на учество жителите (домаќинствата) што имаат станбен објект со приклучок на градско централно греење, без оглед на тоа дали го користат, кои имаат можност за приклучување на системот за централно греење, како и жителите (домаќинствата) што имаат станбен објект во фаза на градба и не живеат во него.