14.8 C
Скопје
24. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Ниту еден родител не е казнет за невакцинирано дете од почетокот на епидемијата на морбили

Ниту еден родител не е казнет за невакцинирано дете од почетокот на епидемијата на морбили иако пред два месеца само во Скопје беа регистрирани 15.000 невакцинирани деца. Секојдневно здравствените власти апелираат родителите да ги вакцинираат децата како единствен начин за справување со епидемијата, но казнувањето за невкацинирани деца, како законска обврска, не се применува.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДЗСИ) објаснува дека неказнувањето е резултат на недостиг на податоци од вакциналните пунктови.

„Епидемијата на морбили е прогласена пред неполни два месеца. Во тој период ние немаме пријави од вакциналните пунктови за невакцинирани деца. Затоа во овие два месеца немаме казни во Скопје, а епидемијата е прогласена во Скопје“, вели Иринка Сотирова-Бухова, директорката на ДЗСИ за „Макфакс“.

Од ДЗСИ велат дека ЈЗУ „Здравствен дом Скопје“ не им испраќа повратни информации за невакцинирани деца оти не постои таква законска обврска.

„Од овие причини ДСЗИ писмено се обрати до ЈЗУ ‘Здравствен дом Скопје’ со барање, во иднина да ни доставуваат податоци за невакцинирани деца. Во останатите градови низ Републиката здравствените домови континуирано доставуваат податоци за невакцинирани деца и од страна на инспекторите се поведуваат прекршочни постапки. Во 2018 година покренати се 110 постапки, од нив 20 родители ја платиле казната, а за останатите се поведени судски постапки“, велат од ДЗСИ.

Инспекторатот направил контрола на 98 градинки во Скопје откако е прогласена епидемијата и констатирал дека во сите се почитува наредбата за забрана на прием на невакцинирани деца со МРП.

Епидемија на морбили во Скопје беше прогласена на втори јануари годинава, кога здравствените власти објаснија дека се работи за смртоносна болест и апелираа да се вакцинираат невакцинираните со МРП (морбили, рубеола, паротит). По прогласувањето на епидемијата имаше три смртни случаи од морбили на деца под две години.

На апелите за вакцинирање, пак, одговориле 7.985 деца кои ја примиле МРП-вакцината по прогласувањето на епидемијата.

На Клиниката за инфективни болести, според последните податоци од Министерството за здравство, од мали сипаници се лекуваат 21 пациент од кои 14 се деца под една година.

Спонзорирано: