4.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Борисов по средбата со Џафери: Бугарија е доследна во својата поддршка за Република Северна Македонија

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, оствари средба со премиерот на Република Бугарија, Бојко Борисов.

Како што информираат од одделението за односи со јавноста, на средбата, двајцата соговорници го изразиле задоволството за ратификацијата на Протоколот за НАТО во Бугарскиот парламент.

Нагласена била одличната соработка меѓу Софија и Скопје во изминатите години, како и напорите на Бугарија за поддршка на нашата држава на европскиот пат и развој.

Џафери нагласил дека Република Северна Македонија е на сигурен пат кон НАТО, а државата посветено работи за добивање датум за почеток на преговорите со ЕУ и исполнување на неопходните реформи и задачи.

„Свесни сме дека ова не е лесен процес, но со сите сили и капацитети Собранието и Владата работат на постигнување на посакуваната цел“, рекол тој.

Бугарскиот премиер Борисов истакнал дека Бугарија е доследна во својата поддршка за Република Северна Македонија, како во 2017 година со потпишување на Договорот за добрососедство и за време на Бугарското претседателство со Советот на ЕУ во 2018 година, така и денеска кога Бугарскиот парламент го ратификувал Протоколот за НАТО.

Во рамки на дводневната посета, претседателот на Собранието Талат Џафери се сретнал и со заменик-претседателот на Владата на Република Бугарија и шеф на дипломатијата, Екатерина Захариева. На средбата биле нагласени пријателските и добрососедски односи меѓу двете држави.

Захариева го изразила задоволството бидејќи Република Бугарија е меѓу првите држави кои го ратификувала Протоколот за НАТО.