7.8 C
Скопје
20. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Uncategorized

Ќосето: Бевме принудени да одиме на протести, сè до 27 април мислев дека тоа е во ред

„На 27 бев на работа во Велес, бев вработен во ЈП ‘Водовод’ како инкасант. Ние вработените од администрацијата две години учествувавме на протести кои беа задолжителни. Ако те нема двапати, те прашуваат зошто не си отишол. Протести, контрапротести, ГДОМ, движења, проектот ‘За заедничка Македонија’, одев во Велес, во Прилеп, па дури и во Долнени. Додека траеше ‘За заедничка Македонија’, одевме и во Скопје. Тоа го правев исклучиво со чиста мисла и намера, од патриотски причини. Тогаш сметав дека така треба. Сè до 27 април“, рече обвинетиот Горанчо Ангеловски-Ќосето на денешните завршни зборови за крвавиот четврток.

Ангеловски е обвинет дека ги мобилизирал членовите на велешкото патриотско здружение „Ќосето“ со цел да направат упад во Собранието. Тој вели дека ваквите обвиненија не се воопшто точни и дека од Велес пристигнал во Скопје со само еден пријател, а тоа е амнестираниот Илија Славевски.

„Дојдов во Скопје со Славевски, никому не сум му се јавувал, не сум се договарал ниту, пак, сум имал намера да организирам нешто лошо. Единствени од здружението бевме јас и Илија. Од 73 луѓе обвинети за 27 април, останав само јас единствен од Велес. Не знам како сум го мобилизирал здружението, Обвинителството не даде ниту еден доказ за тоа“, рече Ќосето.

Ангеловски истакна дека полицијата во Собранието, доколку сакала, можела да ја спречи толпата да продолжи кон прес-центарот, каде што беа пратениците. Тој вели дека не знаел каде се движи бидејќи не го познавал Собранието, се движел по толпата.

„Доколку не те пропушти полицијата, не можеше да се качиш на скалите. Народот многу лесно се качи нагоре. Во тој момент не знаев каде одам, одев по толпата. Имав маска, ја вадев, ја ставав. Тој ходник водел кон прес-салата, не знаев. Стигнав до пред прес-салата, каде што стоев 15 минути. Обвинителството ме товари дека сум влегол во прес-салата и дека сум мавал по пратениците. Тоа е лага, јас воопшто не влегов во прес-салата,тој ден апсолутно не повредив никого. Ако се докаже дека некого сум повредил, барам да бидам најстрого казнет“, рече Ангеловски.

Тој вели дека се кае и искрено жали за она што се случило на 27 април, а последиците од настанот сè уште ги чувствува.

„Многу ми е жал за настаните од 27 април. Не само што настрадаа пратеници туку и ние, кои сме фамилирани луѓе. Последиците од настанот ги чувствуваме сите. Морам да нагласам дека во никој случај не сум терорист. Јас сум обичен човек, татко на три деца. Мене и сопругата нè избркаа од работа. Заглавени сме со кредити и ги трпиме последиците. Со ова не сакам да се правдам, само ја кажувам вистината и последиците од 27 април“, рече Ангеловски.

(Makfax)

Спонзорирано: