19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Голема акција на МВР низ Скопје, Тетово и Куманово – Се вршеа претреси во 13 локации, уапсени десетина

Во координирана полициска акција сузбиена е криминална група инволвирана во трговија со оружје, соопшти МВР. Групата била составена од лица од Скопје, Тетово и од Куманово, а во неколку случаи документирани биле продажби на десет пиштоли.

Со судски налог извршени биле претреси на 13 локации, при што уапсени се Ф.А. (39), Б.А. (34), Н.М. (63), Ф. Ј. (32), А.А. (29), С.Н. (48), Б.М. (25), сите од Скопје, и Џ.Р. (36) од Тетово и С.И. (47) од Куманово.

„Од досега преземените оперативно-тактички мерки при спроведеното криминалистичко истражување пронајдени и одземени се една автоматска пушка, една ловна пушка, 16 пиштоли, муниција во разновиден калибар, мобилни телефони и СИМ-картички“, велат од МВР.

Ф.А. и А.Б. подолг период во работилница лоцирана во Скопје, со употреба на пригоден алат изработувале огнено оружје пиштол на тој начин што Ф. А. набавувал потребна количина пиштоли за светлосна и звучна сигнализација, а А.Б. во својата работилница сигналното оружје го конвертирал во огнено оружје на начин што ја вадел цевката што служи за испукување гасен куршум и на нејзино место вметнувал метална цевка претежно во калибар 7,65 мм. Исто така, биле набавувани и други видови огнено оружје и разни видови муниција, кои ги продавале на заинтересирани лица.

По конвертирањето на оружјето, пронаоѓале заинтересирани лица и го продавале по цена од 250 до 400 евра.

Во акцијата учествувале БЈБ – Единицата за сериозен криминал и тероризам при Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал во соработка со Единицата за недозволена трговија со оружје, опасни материи и радиоактвен материјал при Одделот за криминалистичка полиција со поддршка на ОСПО и ОКТИВ и во координација со ОЈО за ГОКК.

Спонзорирано: