6.8 C
Скопје
18. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Анѓушев со одлични вести: Република Северна Македонија направи квантен скок во реформите во енергетиката

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, на изјавите за медиумите по свеченоста на која беше одбележена 97-годишнина на Стопанската комора на Македонија, одговарајќи на новинарско прашање, истакна дека Владата на Република Северна Македонија направила квантен скок со донесување на новиот Закон за енергетиката кога станува збор за спроведување на реформите во енергетскиот сектор.

„Доколку внимателно се слуша изјавата на директорот на Секретаријатот на енергетската заедница, Јанез Копач, и се прочита соопштението објавено на нивната веб-страница, ќе може да се видат многу пофални зборови за активностите што Владата ги спроведува во енергетиката, односно нашата земја се препознава како лидер во спроведување на реформи во енергетскиот сектор во регионот“, нагласи Анѓушев.

Вицепремиерот нагласи дека Министерството за финансии во моментот работи на донесување подзаконски акт со кој ќе се изнајде соодветно решение за складирање на нафтените резерви во резервоари на приватните субјекти, а се работи и на донесување други подзаконски акти што произлегуваат од Законот за енергетиката, при што потенцира дека за Владата е многу поважно овие акти да бидат квалитетно изработени отколку да бидат донесени побргу.

Подзаконските акти, како што се уредбата за мерките за поддршка на производството на електрична енергија од обновливи извори на енергија и правилникот за обновливи извори на енергија, се веќе донесени или во финална фаза на донесување од страна на Министерството за економија.

„Јавниот повик за фотоволтаици со премиум-тарифи, работен заедно со ЕБОР, ќе биде објавен до крајот на март оваа година, со што ќе се овозможи изградба на фотоволтаични централи и на државно и на приватно земјиште доколку тоа некој го има планирано. Дополнително, се ослободува простор и за изградба на централи од биомаса и ветерни електрани, што е голем исчекор во енергетиката по долгогодишен застој во овој сектор. Распишан е и јавен повик за 22 мали хидроелектрани, со што практично се исцрпува можноста за мали хидроелектрани бидејќи тие може да се градат во толкав број колку има природни ресурси“, дополни Анѓушев.

Вицепремиерот на новинарско прашање рече дека платите во Република Северна Македонија ќе продолжат да растат, но не само како резултат на зголемување на минималната плата во државата.

„Платите во државата ќе растат како резултат на реалните состојби во Република Северна Македонија. Тие не растат само поради зголемување на минималната плата, туку како резултат на притисок од три аспекта. Се отвораат нови работни места, само во изминатата година имаме 18 нови странски инвестиции, во кои се отвораат околу 4.500 нови работни места, домашните компании инвестираа исто така и создаваат работни места, а има и луѓе што се иселуваат. На тој начин се јавува недостиг на квалитетна работна сила и платите имаат интенција на раст“, заврши Анѓушев.

Спонзорирано: