4.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Лазаров: Според планот за делување, немав овластувања за ангажирање на полицијата

Началникот од МВР, Душко Лазаров, обвинет за насилниот упад во Собранието на 27 април 2017 година, на завршните зборови за случајот рече дека тој немал никакви овластувања за ангажирање на полицијата пред парламентот, како и дека не може да биде обвинет за загрозување на уставниот поредок бидејќи не знаел дека токму тој ден ќе има избор претседател на парламентот.

„Јас не сум можел да знам дека токму тој ден ќе се избира претседател на Собранието. Со анализа на анекс-планот за мерки и активности од 25 април, кој се однесува на активностите за 27 април, судот може да утврди дека како член на оперативниот штаб не сум имал овластување на кого било да издавам наредба за ангажирање на посебните специјалните единици.Членовите на оперативниот штаб се само помошно тело на златната команда”, рече Лазаров.

Тој исто така посочи дека како доказ во случајот е доставена телеграма на која пишува дека одговорен за дејствувањето на полицијата во Собранието на 27 април бил Зоран Станчевски, кој е сведок во случајот, а не тој.

„Изготвена е телеграма од која судот може да утврди дека на располагање пред Собранието имало 192 полициски службеници, а одговорен за справување со силите на терен бил Зоран Станчевски, а не јас. Телеграмата е потпишана од Ивица Вучевски, сребрена команда”, рече Лазаров.

Душко Лазаров е обвинет дека на крвавиот четврток имал намера да го загрози уставниот поредок на земјава со спречување на избор на претседател на Собранието, преку предизвикување акт на насилство и загрозување на животот на пратениците, новинарите и останатите присутни во парламентот. Според обвинението, Лазаров не издал наредби за делување на специјалните полициски сили по барање на овластените службени лица, иако континуирано бил известуван дека е загрозен животот на пратениците и новинарите.

(Makfax)