12.8 C
Скопје
25. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Uncategorized

Заев за наградата „Евалд Фон Клајст“: Со Ципрас поставивме основа за тоа како треба да работат идните генерации

На свечена церемонија, во присуство на дел од највисоките гости на годинешната Минхенска конференција за безбедност, на премиерите на Северна Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, синоќа им беше врачена наградата „Евалд Фон Клајст“ што овој угледен форум ја доделува како признание за особен придонес за мирот и стабилноста во светот и за афирмација на принципите на трансатлантската алијанса.

Како што информираат од владината-прес служба, наградата на двајцата премиери, во име на организаторот на конференцијата, им ја врачил германскиот министер за надворешни работи, Хаико Маас, кој во своето обраќање по тој повод истакнал дека Заев и Ципрас успеале да го направат тоа што не им успеало на сите нивни претходници во изминатите 30-тина години и дека наградата „Евалд Фон Клајст“ не може да има подостојни добитници од нив двајца.

Во своето обраќање по повод наградата, Заев истакнал дека него и неговиот пријател Ципрас ги обединиле надежта, дијалогот и заедништвото и дека со решението на спорот меѓу двете земји, Европа и Балканот стануваат едно – Балканот како ново место на надеж, како место за дијалог и заедништво, како место за стабилност и соработка. Премиерот додал дека заедно со грчкиот колега наградата им ја посветуваат на сите млади од Балканот и дека тоа што тие го прават денеска е основа за она што младите луѓе, идните генерации, ќе го создаваат утре.

Ципрас, пак, во својот говор нагласил дека освен договорот меѓу двете земји и признанијата за нив, огромна награда е и темелот за пријателство што го поставиле со Заев како основа за заедничката иднина на народите на двете земји како сојузници и земји членки на НАТО и на Европската Унија.

Домаќинот на свечената церемонија на доделување на наградата „Евалд Фон Клајст“ на Минхенската конференција за безбедност, премиерот на Баварија, Флоријан Херман, во своето обраќање потенцирал дека премиерите Заев и Ципрас се лицата на новите европски лидери кои го најавуваат времето за нови идеи и партнерства во решавањето на најсложените прашања со кои се соочува светот.

Спонзорирано: