10.8 C
Скопје
25. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

(Видео) Од возачот се очекуваат клучни информации за несреќата, пуштен е на домашно лекување

Седуммина од патниците што се хоспитализирани во Скопје сѐ уште се во критична и тешка состојба.

„Се надевам дека овие седум луѓе ќе ја надминат кризата“, изјави премиерот Зоран Заев по посетата на повредените во Градската општа болница „8 Септември“. Тој потенцира дека бројот на жртвите до синоќешната сообраќајна несреќа на патот Скопје-Тетово е 14 лица.

Според министерот за здравство, Венко Филипче, во Градската општа болница синоќа биле примени 37 пациенти, 8 во Клиничкиот центар, двајца во тетовската болница и еден на Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“. Од нив четворица се оперирани.

И возачот бил примен во болница, но, како што информира Филипче, му биле констатирани лесни телесни повреди и бил пуштен на домашно лекување. Обвинителот е во постојан контакт со него и се надеваат дека тој ќе даде клучни информации како настанала несреќата. Меѓу повредените во Градска има 19-годишно девојче, како и портпарол на ЕВН.

Премиерот и министерот за здравство се надеваат дека сите повредени ќе бидат добро.
Заев, Филипче и вицепремиерот Бујар Османи, кои ги посетија повредените во Градската општа болница „8 Септември“, изразија благодарност до сите служби за брзата реакција.
Посебна благодарност премиерот упати кон жителите на селото Ласкарци, кои први излегле на местото на несреќата за покажаната човечност и големина, што за многумина било од пресудно значење за спасувањето на животите.

„Сакам да потенцирам дека нашиот фокус е помош на повредените, како и помош на семејствата на загинатите“, рече премиерот.

Повеќемина од пациентите биле донесени во Градската општа болница, каде што вработените реагирале максимално професионално и брзо, но ја истакна и помошта добиена од приватните болници, кои исто така помагале во прифаќањето на пациентите.

Тие апелираат до семејствата да бидат смирени и дека ќе ги добијат сите потребни информации за повредените. Во болниците се назначени лица за контакт со нив. Потенцираат дека имало тешкотии само при идентификувањето на починатите, а за сите други е познат идентитетот.

Спонзорирано: