Секогаш во средиштето на збиднувањата...

Македонија тагува, дводневна жалост по несреќата кај Ласкарци

Македонија тагува по синоќешната сообраќајна несреќа што се случи на патот Скопје-Тетово. Доцна синоќа Владата одржа вонредна седница по трагичната сообраќајна несреќа што се случи вчера на патот Скопје-Тетово во близина на село Ласкарци. Владата ги прогласи 14 и 15 февруари за денови на жалост во сеќавање на нашите сограѓани што трагично ги загубија животите.

Во деновите на жалост знамето на Република Северна Македонија ќе биде истакнато на половина копје.

Како што инфoрмира вчера премиерот Зоран Заев, автобусот се движел на релација Скопје-Тетово, а несреќата се случила кај село Ласкарци. Не се утврдени причините, истрагата е под раководство на надлежниот обвинител.

Автобусот поминал директно на спротивната страна, ја поминувал спротивната страна, влегол и на регионалниот пат по што паднал од него во удолница. Веднаш интервенираа сите институции, вклучително МВР и државните болници, но и сите приватни болници кои веднаш ги испратија сите свои ресурси.

Животите ги загубија 14 лица. Седум починале на самото место на несреќата. 37 лица биле хоспитализирани во болницата „8 Септември“, односно 6 од тие 37 лица се починати во оваа болница. Во „Свети Наум Охридски“ почина едно лице, 2 лица биле пренесени во Тетово и се во добра состојба, едно лице е на домашно лекување во Гостивар, во „Мајка Тереза“ 8 лица, од кои 3 се со сериозни повреди“.