4.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ВМРО ДПМНЕ/Facebook
МАКЕДОНИЈА

ВМРО-ДПМНЕ: Предвремените избори и техничката влада ќе го спречат и изборниот фалсификат

Зоран Заев знае дека во фер и демократски изборен натпревар ќе биде поразен и ќе мора да си замине, велат од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение. Опозициската партија смета дека Заев е исплашен бидејќи со заминувањето од власт, институциите ќе бидат ослободени и ќе ги истражуваат криминалите на власта.

„Затоа Заев и СДСМ бегаат од предвремени парламентарни избори заедно со претседателските. Доколку истовремено се одржат и парламентарни и претседателси избори, за нивната регуларност ќе гарантира техничка влада и нема да може неказнето да се крадат стотици илјади гласови како на референдумот“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според нив, предвремените парламентарни избори и техничката влада ќе го спречат и изборниот фалсификат за кој се сигурни дека СДСМ го подготвува со оглед на начинот на кој бил спроведен референдумот за промена на името и локалните избори 2017 година.

Клучно оправдување на власта, додава ВМРО-ДПМНЕ, е дека предвремените парламентарни избори оваа пролет би ги закочиле реформските процеси што ја придвижуваат државата на патот кон Европската Унија.

„Не е реформски процес политиката – едно евро за Заев, едно евро за Вицето. Не е реформа општиот грабеж на парите на граѓаните преку криминални грантови, тендери и субценции. Не е реформа руинираното здравство како резултат на неспособноста на СДСМ, неспособност на власта што граѓаните често ја плаќаат со своите животи. Можеби кога говори за реформи, СДСМ мисли на оние 400 илјади граѓани што секојдневно се борат со сиромаштијата и живеат со еден оброк дневно или можеби 80-те проценти млади луѓе што од најмали прават планови како да ја напуштат државата? Дали можеби клучна реформа и мегапроект е отстранувањето на оградата од пред влада?

Време е да се стави крај на црнилата, време е да се стави крај на погубните политики на власта, а за сите оние реформи што се од суштинско значење за македонското членство во Европската Унија, власта во периодот на техничката влада ќе добие целосна поддршка од техничките министри на ВМРО-ДПМНЕ“, додава опозициската партија во соопштението.