Секогаш во средиштето на збиднувањата...

(Видео) Заев во Сараево: Европските младински олимписки игри нека го обединат целиот регион како во ’84

Премиерот, Зоран Заев, заедно со својата сопруга, Зорица Заева, присуствуваше на церемонијата на отворање на Европските младински олимписки игри во Сараево, Босна и Херцеговина.

Нашата држава на овој фестивал ја претставуваат Ана – Марија Зафировска и Никола Петковски.

Обајцата на 12-ти февруари ќе се натпреваруваат во дисциплината „крос кантри“. За нив учеството на Европските младински олимписки игри е прво интернационално искуство и одлична можност за подготовка за претстојните олимписки игри во 2022 година.

Заев искажувајќи ја поддршката за овие двајца млади луѓе, на стадионот Асим Ферхатовиќ Хасе, во Сараево, рече дека за една земја нема поголем амбасадор од спортот.

„Навистина чувството е прекрасно. Мене ме потсетува на оние 10 години кога ги имав, кога буквално цела Југославија, цела Европа и верувам целиот свет беше фокусиран со очите широко отворени кон Сараево ’84 година. А имав денеска прилика и да ги видам чувствата на премиерот Денис Звиздиќ, којшто лично бил пред 35 години овде на отворањето на Олимписките игри во Сараево“, истакна премиерот во обраќањето.

Заев додаде дека ваквите спортски манифестации испраќат порака на единство и обединување и истакна уверување оти олимписките игри уште еднаш ќе помогнат на целиот Балкан, на целиот регион, да се движи напред, кон европските вредности.