5.8 C
Скопје
29. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Заев и Филипче на Клиниката за неврологија: Создаваме европско здравство за граѓаните

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, и министерот за здравство, Венко Филипче, денеска ја посетија универзитетската Клиника за неврологија, во рамки на комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.

Истакнувајќи дека Клиниката за неврологија веќе е рамо до рамо со здравствените установи во европските земји, премиерот Заев потенцираше дека неколкуте новини коишто на Клиниката за неврологија се воведени од неодамна, ќе придонесат кон побрза и попрецизна дијагностика на невролошките заболувања кај граѓаните. Тоа, како што рече премиерот Заев, во исто време ја подобрува состојбата на македонското здравство во целина.

„Новиот апарат за биопсија на мускул, за пациентите ќе овозможи попрецизна дијагноза на невро-мускулните болести. Бенефит, пак, од лабораторијата за испитување мозочна течност, којашто е една од најсовремените, ќе биде побрзата и секако попрецизна детекција и дијагностицирање на болестите на мозокот. Ова всушност претставува нова метода во нашиот здравствен систем. И конечно, болните од мултиплекс склероза, од сега таканаречената биолошка терапија ќе ја примаат на Клиниката за неврологија, под соодветен медицински надзор, во новата дневна болница отворена токму за нив“, рече Заев.

Во својата изјава за медиумите премиерот истакна дека во фокусот на Владата, којашто наскоро ќе биде Влада на Република Северна Македонија, се благосостојбата и здравјето на граѓаните на земјата. Премиерот Заев исто така истакна дека целта на Владата е да создаде здравствен систем по европски стандарди – здравствен систем којшто во центарот на своето внимание секогаш ќе ги има пациентите.

„Годинава во буџетот за здравствена заштита се издвоени средства во износ од 30 милијарди денари што, во споредба со 2018 година, е за околу две милијарди денари повеќе. Предвидено е зголемување на средствата за финансирање на здравствените програми, болничкото лекување за одделни ранливи групи ќе биде бесплатно, а обезбедени се пари и за набавка на нови лекови за лицата со ретки болести“, додаде премиерот Заев.

„Универзитетската клиника за неврологија е исклучително позитивен пример на јавна здравствена установа којашто континуирано ја зголемува достапноста на здравствените услуги“, истакна министерот за здравство, Венко Филипче, и додаде дека новите оддели на клиниката се од особено значење за пациентите, имајќи предвид дека ваков вид услуги и на испитувања се вршат исклучиво на Клиниката за неврологија.

„Подготвуваме групна набавка на биолошка терапија, којашто овозможи на крајот на минатата година и на почетокот на оваа година што поголем број пациенти да ја примаат оваа терапија. Досега таа терапија ја примаа 9 пациенти со МС, а од оваа година 45 значи зголемувањето е навистина големо“, посочи министерот за здравство, Венко Филипче, во изјавата дадена за медиумите.

Директорот на Универзитетската клиника за неврологија, Иван Барбов, од своја страна истакна дека од исклучителна важност е невролошките болести навреме и прецизно да се дијагностицираат бидејќи од тоа зависи натамошните третман на пациентите. Барбов, во исто време, потенцираше дека Клиниката за неврологија има доволно медицински кадар, којшто е максимално посветен пациентите да добијат соодветна нега и квалитетни здравствени услуги.

Спонзорирано: