13.8 C
Скопје
20. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

Oхрид нема да плаќа за концерти во екот на сезоната, откако минатата година даде 93 илјади евра

Општина Охрид на наредната седница ќе треба да се произнесе за предлогот градот во иднинa финансиски да не ги поддржува концертите што ќе се одржуваат од 15 јуни до 15 август. Ваквиот предлог доаѓа откако изминативе години неколку продукции инкасирале милиони денари од општинската каса.

Одлуката дали овој предлог ќе се усвои, ќе ја донесат советниците. Неофицијално, ваквиот предлог се темели на анализи направени во изминатиот период. Тие покажуваат дека во текот на туристичката сезона сите капацитети на хотелиерите се исполнети, а со организација на вакви настани, најмногу добиваат организаторите, но не и градот.

Ова значи дека Охрид од буџетот нема да дава пари за концерти, фестивали и манифестации што се организираат во овој период од годината. Ваквата одлука ќе треба да биде изгласана од мнозинството советници за да стапи во сила. Неофицијано, предлог до советниците во Општина Охрид ќе достави в.д. градоначалникот Константин Георгиевски.

Координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид, Кирил Пецаков, вели дека поддржуваат ваква инцијатива.

„Доколку стигне ваква точка, ќе ја видиме содржината, ќе разгледаме, па ќе одлучиме како ќе се произнесеме. Кога Охрид е најполн нема потреба градот да субвенционира концерти. Доколку надвор од сезона се донесе некоја ѕвезда која ќе придонесе за развојот на туризмот, посетеноста, тоа ќе го поддржиме. Не знаеме каков е текстот на предлогот, можеби би интервенирале со амандмани“, вели Кирил Пецаков.

(Makfax)

Спонзорирано: