18.8 C
Скопје
28. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Фетаи: Одговорност за судиите на Врховен за неправниот став за истрагите на СЈО

Обвинителката Фатиме Фетаи во изнесувањето на завршниот збор за предметот „Титаник 2“ на СЈО се осврна и на поднесокот на обвинетиот ексдиректор на УБК, Сашо Миијалков, во кое тој бара за него да прекине судењето поради наводно истечениот рок за обвиненија и ставот на Врховниот суд.

„Фамозниот член 22 од Законот за СЈО, кој започнале да го изучуваат децата и во претшколска возраст и кој со сета своја тежина го крена на нозе Врховниот суд и го вклучи алармот за паника, заслужува осврт не поради правната тежина туку поради поднесениот приговор“, рече Фетаи.

Обвинителката во завршниот збор кажа дека можеби врховните судии имаат надземска моќ да ги препознаат мислите на секого, вклучително и на сите политичките партии кои го изгласаа Законот за СЈО.

„Рациото на одредбата и идејата може да ја каже само оној кој ја донел. Без да има таков доказ за тоа како законодавецот ја толкува одредбата од членот 22, Врховниот суд продуцира правен став незаснован на право и доказ и затоа тој став на Врховниот суд формално-правно се вика правен став, а суштински и материјално-правно е направен став, што, пак, доведува до друга линија на одговорност на судиите кои го донеле неправниот став. Можеби пак ќе го извадат имунитетот од подрумот на Врховниот суд“, рече Фетаи.

„Не знам дали во тој став учествувале и судии на Врховен од кривичниот оддел, се надевам дека не, затоа што работата е за жалење, ако е така“, кажа обвинителката во завршниот збор. Според неа, законите по кои постапуваат сдуиите кои судат кривични предмети како овластен тужител го познаваат само јавниот обвинител и приватниот тужител. За сите кривични дела овластен тужител е јавниот обвинител, освен за оние кривични дела каде што изрично е наведено дека тужител е приватниот тужител.

Обвинителите на СЈО, како што кажа Фетаи, не доаѓаат од Фудбалската федерација на Македонија, туку се јавни обвинители. Врховниот суд, рече Фетаи, во некаква заблуда, правна или стварна или со директна умисла ги поистоветил термините овластен тужител со надлежен обвинител, што се разни поими со разни последици.

Според Фетаи, рокот за обвинението за „Титаник 2“ е испочитуван и обвинението е поднесено во законскиот рок.

(Makfax)

Спонзорирано: