8.8 C
Скопје
19. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Возобновување на „Безбедност“, научно-стручното списание на МВР кое згасна во 1998 година

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, одржа состанок во врска со иницијативата за возобновување на научно-стручното списание на МВР „Безбедност“, што претходно во континуитет излегуваше од 1960 до 1998 година.

Како што информираат од надлежното министерство, на состанокот со меѓународно уредувачкиот одбор учествувале еминентни професори од повеќе високообразовни институции, меѓу кои и професори од Факултетот за безбедност при Универзитетот „Свети Климент Охридски“, предводени од деканот Никола Дујовски.

Спасовски, прифаќајќи ја иницијативата на Факултетот за безбедност, истакнал дека реактивирањето на научно-стручното списание ќе биде од полза како за вработените во Министерството за внатрешни работи, така и за делот од академската заедница кој се занимава со сферата на безбедноста, но и за пошироката јавност.

„Особено е важно што идејата во основа не само што цели кон обновување на списанието, како публицистички производ, туку и кон негово меѓународно етаблирање како научно-стручно списание кое ќе нуди можност за пласирање квалитетни, домашни и странски, стручни трудови и теми од областа на безбедноста. Намерата е да се формира, меѓу другото, и меѓународен програмски одбор составен од научни работници од најмалку три земји, со што ќе се овозможи индексирање на публикацијата во најмалку една елетронска база на списанија со трудови достапни на интернет како Ebsco, Web of Science, или SCImago Journal Rank. Истовремено, публикацијата што би се печатела два пати годишно би се печатела и на англиски јазик“, образложуваат од Министерството.

На средбата биле прецизирани и рокови за технички подготовки на списанието чијшто нов број се планира да излезе до крајот на јуни годинава.

Спонзорирано: