19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Преку низа мерки се поттикнува учеството на руралната жена во земјоделскиот сектор

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, и министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, присуствуваа на презентација на анализите направени во рамките на проектот „Мерење на нивото на зајакнување на жените во земјоделството со примена на експериментален економски модел“.

„Како ресорно министерство активно работиме на мерки со цел да го поттикнеме и поддржиме учеството на руралната жена во земјоделскиот сектор. Денеска, испраќам јасна порака за потребата на економско јакнење на руралната жена, нејзино поголемо инволвирање во креирањето на земјоделските политики, како и заедничката борба против дискриминацијата и традиционалните бариери, кои најмногу прават проблем во едукацијата и развојот на руралните жени. Ова е процес што ќе го поминеме заедно“, изјави Николовски.

Министерот најави дека МЗШВ работи на измена на Националната програма за земјоделство и рурален развој за периодот 2018-2022, конкретно за изменување и дополнување со специфична мерка наменета за жените што живеат во руралните средини и кои се дел од земјоделското стопанство.

„Жените земјоделки што живеат во руралните средини се соочуваат со голем број проблеми. Концептот на еднакви можности означува дека жените и мажите треба да имаат еднакво учество во секој сегмент од живеењето. Ние сме подготвени да воспоставиме систем на редовна соработка помеѓу институциите, вклучително и со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство како креатор на политките и мерките што директно ги засегаат руралните жени. Само заедно ќе придонесеме за соодветено и целосно решавање на јазот што сè уште постои во руралниот сектор и да ги охрабриме жените да станат активни чинители во земјоделството“, изјави Царовска.

Министерството за труд и социјална политика ја презема улогата на лидер во обликување на политиките, координација и одговорност на Владата во однос на агендата за родова еднаквост и еманципација на жените. Во декември 2017 година Република Македонија ја ратификува истанбулската конвенција и на 9 октомври 2018 година го усвои акцискиот план за нејзино спроведување за период до 2023 година.

Спонзорирано: