Секогаш во средиштето на збиднувањата...

Одлична мерка од град Скопје – Ќе се делат по 15 илјади денари за сите кои ќе купат инвертер клима уред

Градот Скопје за првпат досега распишува јавен повик за субвенционирање на инвертер клима уреди и други современи уреди за затоплување на домаќинствата, како уште една од мерките за борба против аерозагадувањето.

За секој купен инвертер клима уред, секој граѓанин којшто ќе ги исполни условите за субвенционирање ќе има можност да добие половина од вкупната вредност на уредот, но не повеќе од 15.000 денари. Со оваа мерка повеќе од 1.300 домаќинства од годинава ќе добијат можност евтино да ги затоплуваат своите домови водејќи грижа за намалување на аерозагадувањето – рече на денешната прес-конференција градоначалникот Шилегов.

Анализите на Град Скопје покажаа дека интересот кај граѓаните за набавка на посовремени уреди за затоплување е голем и заради тоа е донесена одлука со субвенционирање на овие уреди да се намалат трошоците на оние што ќе одлучат да го одберат овој начин на затоплување. Субвенциите за инвертер клима уредите заедно со субвенциите за печките на пелети се од големо значење до спроведувањето на процесот на гасификацијата кој бара време за да стигне до крајните корисници.

– Убеден сум дека оваа мерка заедно со другите мерки кои досега ги презедовме во рамките на нашите надлежности ќе значи уште еден чекор напред во борбата против загадувањето на воздухот во Скопје – додаде Шилегов.

Субвенцијата има за цел да ги мотивира граѓаните кои ги загреваат своите домови со печки кои користат огревно дрво, нафта и други скапи и нееколошки енергенси да ги заменат со далеку поевтините и поеколошките инвертер клима уреди или други современи системи за затоплување. Инвертер клима уредите трошат околу 30% помалку електрична енергија од обичните клима уреди, а повеќе од 50% ги намалуваат трошоците во однос на греењето со огревно дрво. За оваа намена во буџетот на Градот се предвидени 20 милиони денари.