Секогаш во средиштето на збиднувањата...

Европската комисија остро ги снижи прогнозите за раст во ЕУ и еврозоната

Европската комисија денеска остро ги снижи прогнозите за економски раст во Европската Унија и еврозоната за оваа и следната година, поради очекуваното забавување во најголемите земји на блокот, предизвикано поради глобалните трговски тензии и порастот на јавниот долг.

Во своите тримесечни економски прогнози, извршната власт на ЕУ исто така ја ревидираше проекцијата за инфлација за следната година за валутниот блок од 19 членки, односно очекува таа да биде пониска од предвидувањата на Европската централна банка, што, најверојатно, ќе го искомпликува планот на банката да ги зголеми каматните стапки годинава, објави агенцијата „Ројтерс“.

Комисијата очекува забавување на растот на еврозоната на 1,3 отсто годинава во споредба со 1,9 отсто во 2018 година, а потоа се очекува дека тој ќе подобри во 2020 година со 1,6 отсто.

Во претходниот извештај за изгледи за економскиот раст, објавен во ноември минатата година, Комисијата предвидуваше пораст на бруто-домашниот производ (БДП) на еврозоната од 1,9 отсто годинава и од 1,7 отсто во 2020 година.

Што се однесува до 27-члената Европска Унија (без Велика Британија која планира да го напушти блокот во март), се очекува дека растот ќе забави на 1,5 отсто годинава, од 2,1 отсто во 2018 година.

Според проекцијата на Комисијата, економскиот раст на Германија, најголемата европска економија, ќе забави на 1,1 отсто во тековната година од минатогодишните 1,5 отсто. Претходно беше прогнозирано дека германскиот БДП ќе се зголеми за 1,8 проценти во 2019 година.

Во тренд…