7.8 C
Скопје
20. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Државата предлага зголемување на концесиите за металски и неметалски суровини

Министерот за економија, Крешник Бектеши, денеска ја одржа првата од серијата дебати за тарифникот за плаќање концесиски надоместоци, на која беа поканети претставници од концесионерите и претседателот на Македонска асоцијација за рударство, Николајчо Николов.

Министерот Бектеши ја иницираше денешната средба со цел заеднички да се разгледа предлогот за зголемување на сите видови надоместоци во висина од 50 проценти и низ конкретни предлози и решенија да се дојде до „вин-вин“ решение во втората половина од годината, кое ќе стапи на сила со почетокот на идната година, со оглед на фактот што годинава буџетите и инвестициските планови на концесионерите се веќе изготвени и започнати со реализација.

„Измената на тарифникот е иницијатива што се наметна по направената компаративна анализа за висината на концесиските надоместоци од експлоатација на минерални суровини во Албанија, Србија, Бугарија, Турција, Шведска, Хрватска и Романија. Оваа анализа покажа дека за различни минерални суровини надоместоците во Република Македонија се многу пониски од останатите земји, заради што предлагаме нивно зголемување“, рече Бектеши на почетокот на дискусијата.

Исклучок од ова зголемување се битуминозните и мастни карпи бидејќи за нив, како што рече, сè уште во Република Македонија не се доделени концесии, а не е променета ни висината за пресметка на надоместокот за експлоатирана количина на 1m3 геотермална вода и архитектонско – украсен камен од кој не може да се добијат комерцијални блокови и томболони, затоа што овие пресметки се воведени скоро и сè уште ја рефлектираат фактичката состојба на пазарот.

При претставувањето на новиот тарифник беше објаснета и предложената промена во начинот на пресметка на концесискиот надоместок за експлоатирани количини на архитектоско-украсни камења (мермер, оникс, травертин, гранит и други), за кој ќе се наплатува износ од 5 проценти од вредноста на продадената минерална суровина. Ова е од причина што пазарната вредност кај овој вид суровини има големи разлики, во зависност од бојата, квалитетот и компактноста на минералната суровина, па со ваквиот вид пресметка реално ќе се врши наплатата на украсните камења.

„Нашата крајна цел е одржливо искористување на минералните суровини, а измената на тарифникот би овозможила општините каде што се вршат овие дејности, како најголеми корисници на средствата од концесиски надоместок, да имаат поголем буџет за реализација на проекти корисни за граѓаните, како што се здравството, образованието и заштитата на животната средина“, истакна Бектеши.

Концесионерите присутни на оваа прва дебата ја поздравија иницијативата за партнерско изготвување на ова подзаконско решение, укажувајќи дека од 2007 година не е извршена промена во делот на неметалски суровини, а од 2012 во делот на металски суровини, додека светските трендови континуирано се менуваат, а особено упатија благодарност за слухот што нема да се донесе интервентно решение кое ќе ги наруши веќе планираните годишни активности и буџетски средства.

„Ова е одлична можност да се направи квалитетен исчекор во изготвување на регулативата, во која нема да губи ниту државата, односно локалната самоуправа, а ни компаниите ќе бидат принудени да работат со загуби. Имавме плодна дискусија, а во наредниот период ќе го разгледаме предложеното решение и ќе доставиме наши предлози за фер наплата на овој надоместок“, истакна претседателот на Македонска асоцијација за рударство, Николајчо Николов.

Согласно со актуелниот тарифник, концесискиот надоместок се исплаќа по два основа, и тоа за користење на просторот, односно површината на која е доделена концесијата и по основ на експлоатација на минералната суровини. Во контекст на ова, концесионерите укажаа дека треба да се разгледаат и други модели за наплата кои ќе ја отсликаат реалната состојба меѓу концесионерите и ќе придонесат за своевидна меѓусебна категоризација на рудниците.

Ова е прва од низата планирани дебати на оваа тема, а целта е низ неколку средби да учествуваат сите актуелни коцесионери во Република Македонија.

Спонзорирано: