3.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Трговската војна меѓу САД и Кина би можела да донесе придобивки за Европа, Мексико и Јапонија

Трговската војна меѓу Кина и САД предизвика големи штети за светските бизниси, но за некои таа може да има и придобивки, се вели во една студија објавена оваа недела од Конференцијата за трговија и развој на Обединетите нации.

Според Памела Кок-Хамилтон, шеф на одделот за меѓународната трговија на УНКТАД, „билатералната трговија меѓу САД и Кина ќе се намали и ќе биде заменета со трговијата со други земји“.

Во студијата, исто така, се нагласува и дека тарифите не им помагаат на американските и кинеските компании, како и дека дури и во случај да донесат некакви придобивки за компаниите во другите земји, постои ризик од несакани последици на светско ниво.

САД и Кина се во преговори за трговски договор, кој тие мора да го постигнат до 2 март. Во спротивно, САД ќе ги зголемат тарифите на кинеските прозиводи од 10 на 25 отсто. Во тој случај, Европската Унија, Мексико, Јапонија и неколку други земји би имале придобивка од 250 милијарди долари благодарение на извозот на своите производи.

Европската Унија би добила најголем удел, односно 70 милијарди долари, се вели во студијата. Тоа е затоа што економиите во блокот се глобално конкурентни и имаат најголем потенцијал да го зголемат својот извоз, се додава во извештајот. Мексико, Јапонија и Канада би можеле да додадат над 20 милијарди американски долари благодарение на тарифите.

„Билатералните тарифи ја менуваат глобалната конкурентност во корист на фирми кои работат во земји што не се директно засегнати од нив“, велат од ОН.

Но, придобивките за некои земји би можеле да бидат поткопани од другите аспекти на трговската војна, која придонесе за забавување на кинеската економско и предизвика нестабилност на глобалните пазари.

Постојаната тарифна војна може дополнително да ѝ наштети на „сѐ уште нестабилната глобална економија“ преку нарушување на синџирите на снабдување и нестабилност во цените на стоките и финансиските пазари, додаваат од ОН.